X
 21.09.2022 Наша тема

Најсоодветна вежба за враќање на кондицијата кај пациентите што прележале ковид-19 е пешачењето, вели д-р Викторија Атанасова

Многу е важно да се испочитува периодот на одмор по прележување на вирусот, односно две недели откако завршиле симптомите на ковид-19 да не се започнува со физичка активност. Пред започнување со физичка активност секој постковид-пациент би требало да направи основни испитувања - ЕКГ и крвна слика со цел утврдување на неговата општа здравствена состојба и способност за изведување вежби кои бараат напор, истакнува докторката по општа медицина Викторија Атанасова

Кога е соодветен момент да се почне со физичка активност по прележан ковид-19, сѐ уште е дилема за пациентите. Некои доктори препорачуваат два месеца мирување, некои две до шест недели за комплетно враќање на организмот во нормала.

- Пред речиси два месеца прележав ковид-19. Матичната ми рече да одмарам два месеца, да пијам аспирин, дека вирусот сега не е опасен, но последиците биле, пред сѐ ми потенцира опасност од тромб. Веќе се чувствувам добро. Имам и вишок енергија, но сепак мирувам затоа што не знам што е правилно, не би сакала да ризикувам - ни сподели една читателка.
Според докторката по општа медицина Викторија Атанасова, она со кое се соочуваат речиси сите пациенти во постковид-периодот е појавата на хроничен замор поради губење на физичката кондиција. Најчести симптоми на оваа состојба се: физичка исцрпеност, ментален замор, несоница, болка во мускулите, влошување на општата состојба по вежбање.

Потребни се 2 до 6 недели за комплетно враќање на организмот во нормала


- Најсоодветен начин за враќање на нормален секојдневен живот е преземање активности за подобрување на физичката кондиција. Во зависност од состојбата во која пациентот бил пред заразувањето со вирусот, тој треба да цели или кон враќање на својата првобитна форма или кон постигнување одредени целни параметри (тежина блиску до идеалната, одржување на еукардичен пулс итн.). Она што пациентите мора да го земат предвид е дека закрепнувањето од ковид-19 често знае да биде многу бавно и се смета дека се потребни од 2 до 6 недели за комплетно враќање на организмот во нормала. Многу е важно да се испочитува периодот на одмор по прележување на вирусот, односно две недели откако завршиле симптомите на ковид-19 да не се започнува со физичка активност. Пред започнување со физичка активност секој постковид-пациент би требало да направи основни испитувања – ЕКГ и крвна слика со цел утврдување на неговата општа здравствена состојба и способност за изведување вежби кои бараат напор. При почнување со физичка активност по прележување на вирусот, мора да се води сметка за интензитетот на вежбите што ќе се изведуваат, кој најмногу зависи од тоа на колкава активност е навикнато телото на пациентот во минатото - посочува Атанасова.

Пешачење со средно темпо

Најсоодветна почетна вежба за постепено враќање на кондицијата кај пациентите што прележале ковид-19 е пешачењето.



- Се препорачува да се практикува пешачење со средно темпо, секојдневно по 15 минути, во тек на две недели пред да се започне со други вежби. Доколку во тој период не се појават никакви тегоби, безбедно е пациентот да почне да користи справа како орбитрек или да почне со пливање, секако, повторно со предупредување активностите да се прекинат при појава на какви било непријатности. Кај постковид-пациентите мора многу внимателно да се воведуваат кардио-вежбите и да се внимава да не дојде до нагло оптоварување на срцевиот мускул, бидејќи едни од позабележителните постковид-последици се појава на миокардит (воспаление на срцевиот мускул) и срцева аритмија (неправилност во срцевата работа).
Доколку навреме се препознаат и третираат овие состојби, можат да бидат успешно излекувани, но доколку дојде до преоптоварување на срцевиот мускул и спроводниот систем на срцето, тие можат да бидат животозагрозувачки - советува докторката Атанасова.

Аспирин да не се зема на своја рака


Затоа пациентите се советуваат во постковид-периодот веднаш да прекинат со вежбањето доколку почувствуваат:

- градна болка или палпитации
- мачнина и гадење
- главоболка
- вртоглавица
- глад за воздух
-отоци во екстремитетите
-заматување на видот.



- Доколку се појави кој било од горенаведените симптоми, пациентот мора да почека барем 24 часа пред да продолжи со вежбање, а најсоодветно е да се направи консултација со медицинско лице за тоа кога и како да се продолжи понатаму - истакнува Викторија Атанасова.

Што се однесува до земање аспирин, таа вели дека не е индициран кај секој еден што прележал ковид-19, туку само кај оние пациенти што во текот на инфекцијата имале покачени Д-димери и кај пациенти што имаат и други хронични состојби и болести кои ги предиспонираат кон хиперкоагулабилна состојба.

- Не треба да пијат аспирин сите што прележале ковид, особено не на своја рака без консултација со доктор - дополнува докторката.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема