Два силни земјотреса утрово го потресоа Загреб и северозападот на Хрватска. Првиот изразено силен потрес бил забележан во 6 часот и 24 минути, а според податоците на Сеизмолошката служба на Хрватска, магнитудата била 5,5, додека на вториот 5,0. Третиот земјотрес бил во околу 7 часот и 40 минути со магнитуда 3,7, а четвртиот во 9 часот и 4 минути со магнитуда 3,2.
Eдно 15-годишно девојче е во критична состојба и се бори за живот по повредите здобиени при земјотресот.
Граѓаните во страв масовно излегле на улиците, каде што и имало што да видат - срушени делови од фасади, а некаде и целосно срушени ѕидови. На некои локации рушевините паѓале на паркирани автомобили. Во домовите паѓале полици, разни предмети, лустери... Во некои делови од Загреб снемало струја и вода. Непосредно по првиот потрес, во некои делови од Загреб можеле да се слушнат сирени на разни интервентни служби.
По земјотресите на улиците беа забележани и колони од автомобили.
Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ, им порача на луѓето дека за вирусот земјотресот нема важност.
- За вирусот, земјотресот нема важност, тој се шири по својата логика. Сите вие што сте надвор, Загреб е епицентарот, оддалечете се едни од други - порача тој.