Лев Толстој во историјата е запаметен како врвен писател и како класичен претставник на руската литература. Освен тоа, тој значително влијаел и врз христијанскиот анархизам со своето дело „Царството Божје е во вас“.
Како е основан толстоизмот?
Толстој е роден во грофовско семејство и своето потекло во младоста го користел за да ужива во разни пороци. Подоцна сосема се откажал од сите привилегии што ги имал и се повлекол во аскетски живот и потрага по смислата на животот.
Таа промена повлекла и нешто што било прилично необично за рускиот менталитет во 19 век – Толстој станал вегетаријанец.
Илјадници луѓе почнале да ги следат неговите принципи. Биле формирани неколку комуни кои се залагале за толстоизам. Имено, Толстој никогаш немал таква намера. И самиот забележал:
„Да се бара водство во ’толстоизмот‘ и да се присвојуваат моите ставови по определени прашања е огромна грешка“.
Без оглед на овие зборови, луѓето го барале неговото водство. Меѓу нив бил и Махатма Ганди, кој водел жива преписка со Толстој. Во 1910 година Ганди основал здружение наречено „Фарма на Толстој“ во близина на Јоханесбург кое се базирало на учењата на Толстој.
Струите на христијанството во 19 век
Толстој во текот на своите аскетски години објавил повеќе филозофски и теолошки списи. Овие списи биле сосема спротивни на моралните струи што се развивале во текот на доцниот 19 век.
Најпозната од тие идеи била машкото христијанство, кое претставувало одговор на викторијанската доба. Се верувало дека машкоста е во криза, па машкото христијанство било фокусирано на занимавање со спорт и негување воен дух. Сето тоа било бунт против „феминизацијата“ на културата.
Може да се каже дека Толстој бил претставник на таканареченото растително христијанство – кое претставувало потрага по хармонија со природата, заговарање мир и ненасилство, што вклучувало и престанок на јадење месо.
Јадењето месо како навика
Во својот есеј „Првиот чекор“ од 1891 година, каде што зборува за режимот на исхрана и етиката, Толстој го изнесува своето мислење дека убивањето и јадењето животни е хорор на кој народот се навикнал, како што се навикнал на војните или, пак, на покрстување. Неговиот заклучок на таа тема е дециден:
„Ако некој навистина сака да живее убав живот, прва работа од која треба да се откаже е животинското месо затоа што ништо толку не ја распламтува страста во нас како таквата храна. Јадењето месо едноставно е неетички, од проста причина што подразбира чин кој е спротивен на моралот – убиство.
Не можеме пред убиство да ги затвораме очите. Ние не сме ноеви; не можеме да веруваме дека нешто не постои само затоа што ние не сакаме да го видиме. Млади, љубезни луѓе, особено жени и девојки – интуитивно знаат дека доблеста не може да се вклопи со консумација на животинско месо. И кога посакуваат да бидат добри, луѓето престануваат да јадат месо“.
Иако пред преобратувањето на Толстој кон вегетаријанството со стотици и стотици години истото постоело во хиндуизмот и будизмот, дури со него почнало ширењето на ова движење низ Европа, а потоа и низ Америка.
На јавноста ѝ било познато дека Толстој станал вегетаријанец од својата 50-та година, по средбата со вегетаријанецот Вилијам Фреем во есента 1885 година.
Ставот на Толстој добивал сè повеќе поддржувачи, за на крајот на 19 век да се профилира како вегетаријанско движење.
Ненасилство кон животни и луѓе
Вегетаријанството било само еден дел од филозофијата на Толстој за религијата, кој исто така вклучувал и чесност, умереност, одбивање да се поседуваат материјални добра, како и одбивање да се учествува во насилство и принуда на каков било начин. Толстој и неговите следбеници успеале да ги поврзат вегетаријанството и хуманитаризмот.
Филозофските идеи на Толстој против какво било насилство не се оригинално негови, но со негова помош се прошириле низ цел свет. Разни луѓе ги прифатиле неговите идеи, вклучително и неговите ќерки, а подоцна и сопругата Софија. Книгата со нивните готварски рецепти била објавена во 1874 година под наслов „Лев Толстој: приказната на еден вегетаријанец“.
Интересно е дека за разлика од многу активисти за правата на животните од тоа време, но и денес, Толстој не ја прифаќал казната како одговор кон насилството врз животните затоа што верувал дека казната само ќе го продолжи синџирот на насилство.
Ненасилство и братство биле принципите врз кои почивал вегетаријанизмот на Толстој.