Уртикарија претставува клинички ентитет кој е последица на генерализирана хиперсензитивна реакција со јасно ограничени структури од еритем (црвенило) и едем (оток) кои се наоѓаат на кожата, слузокожата и се карактеризираат со чешање (пруритус). Акутната уртикарија може да биде предизвикана од алергиска реакција на храна, дроги, козметички производи, сапуни, омекнувачи, убод од инсекти или експозиција на: фактори на околината, латекс, топло или ладно, емоционален стрес, вежбање и други фактори.
Уртикаријата може да биде:
1. Акутна – трае помалку од 6 недели.
2. Хронична- трае повеќе од 6 недели.
3. Рекурентна - се јавува во повеќе наврати на определен временски период.
Уртикаријата често може да се помеша со други заболувања (особено во областа на дерматологијата), но сепак може лесно да се распознае од искусен клиничар. Уртикаријата не е контагиозна, освен ако во отечените еритематозни структури не постои некој патоген кој е причинител на истата.
ЕПИДЕМИОЛОГИЈА
15-20% од целокупната популација имаат уртикарија барем еднаш во текот на нивниот живот. Хроничната уртикарија е застапена со околу 2-3 %.
Акутната уртикарија не е афектирана од раса, возраст и пол. Хроничната уртикарија е позастапена кај женската популација (60%).
ЕТИОЛОГИЈА
Во повеќе од 60% случаите причината на акутна генерализирана уртикарија не е утврдена.
Акутна уртикарија - најчести докажани предизвикувачи на акутна уртикарија се:
Инфекции: горнореспираторни инфекции, фарингитис, гастроинтестинални инфекции, генито-уринарни инфекции, габични инфекции, маларија, амебијаза, хепатит, мононуклеоза, инфекции со коксаки вируси, микоплазма, скабиес, ХИВ, паразитарни инфекции (аскаријаза, шитозомијаза, трихиноза).
Контакт со гасеници и молци.
Храна (особено морски школки, риба, јајца, сирење, чоколада, јаткасти плодови, боровинки, домати) помалку од 1% се асоцирани со храна.
Лекови: пеницилин, сулфонамиди, салицилати, нестероидни антиинфламаторни лекови, кодеин, антихистаминици.
Фактори од околината: полен, растенија, прашина, влага, првут.
Експозиција на латекс, никел, гума, индустриски хемикалии, лак за нокти.
Експозиција на притисок на кожа, топло или ладно, сонце.
Емоционален стрес.
Вежбање и физичка активност.
Ингестија на алкохол.
Бременост : на пример пруритични уртикарични папули и плаки при бременост (PUPPP – pruritic urticarial papules and plaques of pregnancy).
Хронична уртикарија - 80-90 % од предизвикувачите на хронична уртикарија се непознати, а од тие причинители што се докажани најчести се:
Автоимуни нарушувања (системски лупус еритематозис, ревмоиден артритис, полимиозит) претставуваат 50% од причините за хронична уртикарија.
Холинергична уртикарија - тоа е форма на уртикарија која е предизвикана од емоционален стрес, зголемена физичка активност или топлина. Често е асоцирана и со други симптоми како што се: зголемено лачење на плунка, солзи и дијареја.
Разни други заболувања како што се: мастоцитоза, криоглобулинемија, сифилис, хипотиреоидизам, хипертиреоидизам, амилоидоза, полицитемија вера и слично.
Рекурентна (повратна) уртикарија може да се јави кај:
Изложеност на сонце.
Вежбање (холинергична уртикарија).
Емоционален и физички стрес.
Вода (аквагенична уртикарија).
ПАТОФИЗИОЛОГИЈА
Исипот на уртикарија е резултат на ослободување на вазоактивни супстанции од мастоцитите и базофилите, како што се: хистамин, брадикинин, леукотриен, C4, простагландин D2. Овие супстанции предизвикуваат излевање на течностите од крвните садови во кожата и слузокожата, што резултира со оток. Чешањето е последица на присуството на хистаминот. Имено, хистаминот претставува лиганд кој се врзува со двата хистамински рецептори во организмот. Кога ќе се поврзе со H1 на ендотелот на мазните мускулни клетки, може да се зголеми нивната пермеабилност. Активацијата на H2 рецепторот предизвикува вазодилатација (проширување на крвните садови) на артериолите и венулите.
Процесот на уртикарија може да настане преку различни механизми и на тој начин се и поделени хиперсензитивните реакции. Тие се:
Тип 1 алергиски одговор: претставува хиперсензитивна алергиска реакција каде што IgE антитела се поврзуваат за мастоцитите и базофилите преку нивниот FcRII сегмент. Во тој момент кога ќе се поврзат, за нив велиме дека е извршена сензибилизација на организмот кон некој алерген и кога IgE антителата ќе дојдат во контакт со алергенот (причинител на алергија) и ќе го препознаат како алерген и се поврзат со него. Нивното спојување предизвикува дегранулација и ослободување на вазоактивни супстанции од мастоцитите и базофилите каде што IgE антителата претходно се инкорпорирале (вазоактивните супстанции се споменати погоре во текстот).
Тип 2 алергиски одговор: е асоциран со цитотоксични Т лимфоцити кои иницираат создавање на депозити на имунокомплекси и комплемент. Системот на комплементот кога ќе се активира го активира и фибринот во крвни садови (системот на комплемент и коагулација се тесно поврзани процеси) па поради тоа настанува т.н. уртикаричен васкулитис со специфична коагулација и/или квантитативна промена на нивото на тромбоцити).
Тип 3 алергиска реакција - е со т.н. имунолошки комплекси кои се составени од антитело и антиген (во случајов алерген). Тие имунолошки комплекси се таложат во различни клетки и системи по целото тело и на тој начин го активираат комплементот и мобилизираат имунолошки крвни клетки кои го оштетуваат околното ткиво. Вакви заболувања се: системски лупус еритематозус, ревмоиден артритис и други автоимуни состојби кои можат да причинат уртикарија.
Знаци и симптоми на уртикарија
Уртикаријата може да биде во форма на:
Црвеникави јасно ограничени структури над нивото на кожата, кои можат да бидат линеарни, прстенести или лаковидни. Можат да опфатат кој било дел од кожата и најчесто се транзициски и миграторни (се појавуваат од еден на друг дел од телото), често можат и брзо да се соединат и да формираат големи структури кои се еритематозни и побелуваат при притисок.
Дермографизам/дерматографизам (уртикарични лезии кои се последица на претходно гребење на кожата).
Постојат физикални симптоми, можат да бидат придружени со состојба на уртикарија и за жал дел од нив можат да бидат индикација на животозагрижувачки состојби, а тоа се:
Ангиоедем на устата (уште познат и како квинкеов ангиоедем), едем на јазикот и гласните жици.
Индивидуални уртикарични лезии кои наликуваат на гребнатини, траат повеќе од 24 часа, болни се и завршуваат со хиперпигментирани лезии - ваквата состојба најчесто укажува на уртикаричен васкулитис.
Жолта пребоеност (иктерус ) на белките од очите.
Зголемување на црниот дроб (хепатомегалија).
Зголемување на тиреоидната жлезда (тиреомегалија).
Пневмонија или астма (бронхоспазам).
Дијагноза
Лабораториски испитувања
Генерално лабораториските анализи кај акутна уртикарија немаат сигнификантно и пресудно значење.
Кај хронична уртикарија потребно е да се направат базични лабораториски испитувања: комплетна крвна слика, седиментација на еритроцити, хормони на тироидна жлезда (TSH) и антинуклеарни антитела (ако сме под сомнение дека се работи за уртикаричен васкулитис).
Биопсија (доколку се работи за форма на васкулитис).
Терапија и менаџмент
Општиот менаџмент и терапија на уртикарија се заснова на премисата дека не постои каузална терапија за третман и отстранување. Поради тоа, терапијата се состои од третирање и купирање на симптомите, идентификација на алергенот и успешно истегнување на експозиција кон истиот.
Акутната уртикарија ретко може да прогредира и до живото-загрозувачки ангиоедем или анафилактичен шок за многу краток период. Иако во многу ситуации анафилактичкиот шок настапува директно без знаци на уртикарија или ангиоедем. Третман кој се користи за спречување на состојба на анафилакса е:
Ако постои ангиоедем (особено ако има тешко дишење) – Адреналин интрамускулно
Ако постои астматичен напад симптоми во форма на гушење (бронхоспазам) - се дава небулизиран албутерол или салбутамол
Потребно е да се преземат и други мерки: ЕКГ, пулс оксиметрија, следење на крвен притисок и администрација на високомолекуларни инфузиски раствори при низок крвен притисок
Давање на Diphenhidramyne или Hidroxyzine
Фармаколошка терапија
Антихистаминици – претставуваат лекови од прв ред кога се работи за фармаколошка терапија на уртикарија. Денес во модерната медицина се користа групата на второгенерациски H1 блокатори со помал седирачки ефект, како што се: лоратадин, дезлоратадин, цетиризин, левоцетиризин, рупатадин и слично. Некогаш се користат и во комбинација на H2 блокери бидејќи се претпоставува дека имаат синергистички ефект. Меѓутоа, не постојат метаанализи кои гарантираат ваков доказ и поради тоа нивната употреба е селективна и се темели на избор на терапевтот.
Кортикостероиди (урбазон, дексаметазон, преднизолон, хидрокортизон).
Доксепин (главни индикации на лекот се третман на депресија, но по механизам на дејство претставува блокатор на хистамински рецептори, па затоа наоѓа примена и за третман на уртикарија).
Адреналин (иако е доста контроверзен кај акутна уртикарија и неживото-загрозувачка состојба).
Метатрексат, колхицин, индометацин, хидрохлороквин (за третман на уртикаричен васкулитис).
Топичен доксепин 5% во форма на крем или пак капсаицин (кај рефракторни случаи на уртикарија) и двата се аплицираат локално.
Сезоната на алергии веќе започна, доколку имате или сте имале некаков проблем со алергија, идентификувајте го вашиот алерген, направете испитување доколку е потребно. И чувајте се!
Автор: Филип Петрески, доктор по општа медицина
ПЗУ Медилекс Прилеп