На денешната седница Владата ја прифатила препораката на Комисијата за заразни болести студентските и средношколските ученички домови да бидат отворени со почитување на протоколите за сместување со дополнување, според која, во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.
- Во оваа насока, на оваа 5. седница, на предлог од Министерството за образование и наука, Владата до Собранието ќе достави предлог-закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и предлог-закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард. Со измените содржани во овие предлог-закони се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците што конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но поради намалениот број сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата - стои во информацијата од Влада.
Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет-платформата
www.digitalizirajse.mon.gov.mk за да ги внесат потребните податоци и докази, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на предвидено со овие измени.
- Се оценува дека поради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици - информира Владата.