X
 23.05.2022 Наша тема

Младите во Македонија немаат пари за стан, а не би оделе под кирија, покажа анкетата на Факултети.мк

Веќе е познато дека во нашата земја младите тешко се одлучуваат да си заминат од родителскиот дом. Животните одлуки за купување сопствен стан или за иселување од домот на родителите се одложуваат, а врз тоа најмногу влијаат социјалните и егзистенцијалните проблеми. Изминатиот период, особено во пандемијата, цените на становите во земјава драстично се зголемија, а се соочуваме и со економска криза

Поголем дел од младите би се иселиле од семејниот дом каде што живеат со своите родители само ако купат сопствен стан или куќа. Процентот на зависност на младите од родителите во земјава е висок, а комодитетот на живот во заедница е поголем и посигурен отколку во сопствен дом.

Тоа го потврдува анкетата „На која возраст можат да се осамостојат младите во Македонија?“, која ја спроведе Факултети.мк, а на која 67,7 отсто од испитаниците одговориле дека би се иселиле од родителскиот дом само доколку купат сопствен дом. Преостанатите 32,3 отсто би оделе под кирија.

На анонимната анкета одговориле речиси 400 испитаници, од кои 48,5 отсто (193) се на возраст од 25 до 35 години, а 28,9 отсто (115) се на возраст од 18 до 25 години. Најмал процент или 22,6 отсто (90) од анкетираните се над 35-годишна возраст.

Младите не се финансиски способни да се осамостојат

На прашањето дали живеете во ист дом со вашите родители, разликата меѓу потврдните и негативните одговори не е голема, односно со „да“ се изјасниле 53 отсто, а со „не“ 47 отсто од учесниците на анкетата.

Оние што не живеат со своите родители одговараа на дополнителни прашања. Така, следно прашање е колку години живеат самостојно. Од една до пет години живеат сами 52,5 отсто од испитаниците, повеќе од десет години 26 отсто, а 21,6 отсто анкетирани живеат сами во период од 5 до 10 години.

На прашањето каде се преселивте кога го напуштивте домот на родителите, 56,9 отсто одговориле дека отишле под кирија, а 43,1 отсто се преселиле во сопствен дом.

На прашањето дали сметате дека сте финансиски способни да се осамостоите, 60,2 отсто одговориле дека не се, а 39,8 отсто од анкетираните дале потврден одговор.

Целта на оваа анкета беше токму ова прашање, односно да се добие претстава за тоа кога еден млад човек може да се осамостои и што најмногу ги кочи младите во земјава при купувањето сопствен стан, како и што мислат дека би им помогнало за осамостојување.



За самостоен живот, потребни се храброст, многу труд и работа

Финансиите, трошоците за живот, стандардот, но и македонскиот менталитет се најчестите пречки на патот на осамостојување на еден млад човек.

Така, еден од испитаниците на возраст од 18 до 25 години кој живее под кирија вели дека финансиите се тие што ги кочат младите.

- Некои ги кочи и самиот менталитет, родителите, средината. Во осамостојувањето најмногу би им помогнала помош од државата, обезбедено работно место и поддршка од родителите - посочува тој.

Но, еден од анкетираните, кој исто така живее под кирија, смета дека осамостојувањето не треба да се поистоветува со сопствен стан.

- Осамостојувањето значи да се има доволно финансии за покрив над глава, сметки и храна, социјален живот, но пред сѐ храброст на младиот човек да се соочи со овие предизвици. На Запад е најнормално млад човек да живее дури и со цимери, ако нема доволно пари сам да си изнајми стан. Кај нас останала старата ,свој дом да имаш, па и 1.700 евра да е м2, мора да се купи - посочува тој.

- Разговарајќи со колеги од Данска (моделот е применлив и во други западноевропски земји), видов дека тие се способни да купат свој стан во раните 20-ти години. Се разбира, на кредит, но со занемарливи, дури и смешни каматни стапки. Уште повеќе, кај нас и почетничките плати на свежо дипломиран кадар се ужасно ниски. Со почетничка плата (која трае и по 3 години) најдоброто сценарио е стан со цимери, имајќи ги предвид висината на кириите моментално во централно градско подрачје. Заклучок: Немаме никаков стандард и режим на државна контрола, ниту пак поддршка - заклучува тој.



Родителите - главна поддршка на младите при купување стан

Оние што имаат над 35 години, а сѐ уште живеат со своите родители, како главна причина за нивната состојба ги посочуваат парите.

- За да купиш сопствена куќа или стан, треба да имаш доволно пари. И да земеш кредит, треба да имаш солидна плата за да се враќаат ратите, плус да останат пари за живеење -додаваат тие.

- Доколку станот не е обезбеден од претходни генерации, потребна е голема жртва за да се инвестира во сопствен дом.

- Ниски почетни плати, долг временски период поминува пред еден млад човек да почне да заработува повеќе. Многу високи основни трошоци. Доколку не ти помогнат родителите, стан на кредит ќе купиш по 35 години, бидејќи тогаш ќе ти дозволи банката да го земеш поради висината на платата. Дно сме.

- Со плата од 18.000 денари тешко е да купиш стан/куќа или да живееш под кирија. Возможно е само со доволно труд, ама не е толку исплатливо ако веќе имаш куќа во која живееш.

Живот во заедница со три генерации

Сепак, оние што веќе живеат во сопствен дом, велат дека родителите најмногу ги кочат младите зашто сметаат дека е правилно децата да живеат со нив до нивното мажење доколку се девојчиња.

- Доколку се момчиња, во нашата земја по правило се продолжува со живеењето со своите родители и по женачката - вели еден од анкетираните.

Друг посочува дека менталитетот ни е таков.

- Сите на куп, куќа во куќа. Не дај боже подалеку. Младите не сакаат да работат, полесно е дома, да си седат во детската соба со жената. Лично се преселив прво под кирија, живеев една година така и потоа купив стан со кредит кој го плаќам и ќе го плаќам во следните 20 години.

На трет, пак, работата во странство му помогнала да купи стан во татковината и така да се осамостои.

- Да не заминев во Шведска, немаше досега да можам сам да живеам во Македонија како нормален возрасен човек. Можеби со цимери, што не е нормално низ светот за 30-годишни луѓе. Сѐ додека платите се ниски, а нема да се купат станови или куќи по прифатливи цени, Македонија ќе ги губи младите кои сакаат независност.



Помош од државата да ги задржи младите

Сепак, голем дел од младите сметаат дека државата треба да крои политики со кои би им се овозможиле подобри услови, односно субвенционирање или поприфатливи услови за земање станбен кредит без оглед на возраста, како и намалување на цените на становите на пазарот.

Така, нивните предлози се состојат во следното:

- Не може со плата од 30.000 да штедиш и да купиш стан. Се злоупотребува ситуацијата и старите станови се продаваат по нови цени. Младите можат да се осамостојат доколку дојде до некоја разумна цена за купување стан да може секој да си дозволи и да го реши станбеното прашање, бидејќи тоа не е луксуз, туку потреба.

- Би било полесно кога би се граделе социјални станови и кога би имало контрола кој ги купува. Конкретно во Охрид и во Струга становите се градат за странците, па таа цена од 800 до 1.000 евра за м2, во најскоро време и 1.300 евра, е недостапна. Опцијата за стар стан не е ништо поевтина.

- Како и во многу европски земји, така и тука треба да се стимулираат младите, не само младите брачни двојки. Треба на младите да им се овозможи да си дозволат да купат сопствен имот, да има субвенции кои одговараат на пазарот со недвижности, а од друга страна и пазарот треба да се приспособи (да се стават реални цени) согласно примањата на младите луѓе. Во државава, само вработени во ИТ-сектор може да си дозволат ваков „луксуз“ - купување имот, другите сме осудени да живееме мизерно со години, со мама и тато, за да собереме пари за учество за кредит и да се стегаме во наредните 30 години.

- Корупцијата во секоја вена на државата нѐ кочи. Би помогнало симнување на астрономските цени за издавање или купување стан. Секако, и достоинствени плати.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема