Младите не сакаат да учат и да работат занаетчиство затоа што сметаат дека тоа е тешко и неисплатливо, иако поради дефицит на кадри и големата побарувачка, одредени занаети се меѓу најплатените професии.
Најголемиот дел од младите сонуваат за професии во ИТ-секторот или во правото, а на занаети воопшто не помислуваат. А оние што го испекле занаетот во Македонија многу често заминуваат на печалба во странство.
Автолимарот Момчило од Велес повеќе од 30 години поправа автомобили и занаетот го наследил од својот татко. Момчило подолго време бара млад работник на кој ќе му ги пренесе сите тајни на занаетот, но безуспешно.
- Подолго време барам некој млад човек за да го научам, но нема заинтересирани кои би работеле на поправка на автомобили. Неколку млади лица доаѓаа на летна работа за да видат како се работи, но на младите им е тешко да стануваат рано наутро и да работат во комора за фарбање автомобили на топло време. Со зголемениот увоз и бројот на автомобили, овој занает носи добри приходи, но младите не сакаат да работат многу и да бидат валкани по цел ден – рече автолимарот.
Автолимар Момчило
Поради дефицитот на кадри, во некои занаети мајсторите мора да одработат некоја задача и откако ќе заминат во пензија.
Мајсторот Иван, електричар од Скопје, не сака да ги одбие клиентите затоа што му се редовни со години наназад.
- Има побарувачка за електричари, но нема понуда затоа што добрите мајстори заминаа на печалба во Германија и во Австрија. Тие се млади и сакаат да заработуваат по најмалку 2.000 евра месечно. Но, ако се сака, електричарот може добро да заработува и во Македонија и притоа да има време и за своето семејство – рече тој.
И двајцата занаетчии се согласни дека оној што е упорен и сака брзо да научи, ќе може многу брзо да заработува како мајстор, а ако има доволно храброст и знаење за бизнис, може да си отвори мала фирма со неколкумина мајстори и ќе може да работи на поголеми проекти.
Еден од нив е Димче, 39-годишен плочкар, кој работи со свој тим повеќе од 15 години. Тој е меѓу ретките мајстори што не заминале во странство за да работат за некој претприемач, ниту пак планира да ја напушти земјата.
- За оние што сакаат да работат, и тука има многу работа. Тешко е да се најде добар мајстор, како и млади луѓе што сакаат да работат занаети. Во летниот период не можеме да стигнеме насекаде, многу луѓе ги одбиваме. Обично во мај закажуваме за цело лето, некои чекаат и по 30 дена за да им монтираме плочки - истакна плочкарот.
Државата нема евиденција колку во последните години е намален интересот на младите за работа во занаетчиската дејност. Од Агенцијата за вработување велат дека постојано промовираат мерки за вработување во рамките на Оперативните планови на годишно ниво, особено за младите невработени лица до 29 години кои беа една од најпогодените категории од пандемијата на ковид-19.
За младите занаетчии постои финансиска поддршка за самовработување и се вршат обуки за подобрување на вештините.
- Програмата за самовработување е поддршка наменета за невработени лица за да започнат сопствен бизнис. Висината на финансиската поддршка се движи од 5.000 до 10.000 евра. Доколку ваквиот правен субјект одлучи да вработи дополнително лица во оваа програма, должен е да го вработи со полно работно време и да го задржи во работен однос најмалку 12 месеци доколку се работи за лице до 29 години. Обуките имаат цел да ги подобрат вештините и квалификациите на невработените лица за нивна поуспешна интеграција на пазарот на трудот - објаснија од АВРМ.
Министерството за економија, почнувајќи од 2010 година, го поддржа занаетчиството преку 41 проект на занаетчиските комори во вкупна вредност од 340.000 евра, но тоа беше премалку за да се мотивираат младите наместо дигитални вештини, да учат занаетчиство.
Дефицитот на кадри и изумирањето на старите занаети се обиде да го сопре и Град Скопје со субвенции за педесетина занаетчии, меѓу кои јорганџија, ковач, лимар, шапкар, копчар, свеќар. Тие добија субвенции од по 10.000 денари кои не се доволни да се покријат месечните режиски трошоци.
- Комората има статистички податоци само за носители на занаетчиски бизниси, односно самостојни вршители на дејност затоа што се запишуваат во занаетчискиот регистар. Самостојните вршители на дејност се од најразлична возраст, и има и млади кои започнуваат да вршат занаетчиска дејност во секторот лични услуги (фризер, козметичар, автомеханичар) и производство на накит. Информацијата за намален интерес за работа на младите како вработени лица во занаетчискиот сектор ни доаѓа од нашите членки-занаетчии од каде што се одјавуваат од работен однос и заминуваат во странство.
Занаетчиската комора Скопје долги години врши советување за отворање занаетчиски бизниси за заинтересирани лица кои исполнуваат услови за отворање бизнис, во 2019 година реализира имиџ-кампања за занаетчиство во основните училишта во градот Скопје, каде што директно беа вклучени занаетчии работодавци кои разговараа со деветтоодделенци и им презентираа предности за изучување занает.
Дефицитарни занаети кои се потребни, а постојано се намалува нивниот број во занаетчискиот регистар се: винклер, водоводџија, инсталатер за парно греење, електроинсталатер, лимар, клучар, чевлар, часовничар, кровопокривар и други занаети - вели Анета Атанасовска, извршен директор на Занаетчиската комора Скопје.