Руската инвазија врз Украина негативно влијае врз образованието на повеќе од пет милиони деца. Конфликтот ги влоши големите проблеми во образовниот сектор на Украина предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Ситуацијата е уште полоша за децата во Источна Украина, соопшти денеска УНИЦЕФ.
Според УНИЦЕФ, во борбите се уништени илјадници училишта и други образовни објекти низ цела Украина, а голем број родители не сакаат да ги испратат своите деца на училиште од безбедносни причини.
Во Украина повеќе од 1,9 милиони деца учеле онлајн, а 1,3 милиони деца учеле комбинирано – од дома и со присуство, но и тој процес е нарушен поради неодамнешните напади врз енергетската инфраструктура на Украина што предизвикаа прекини на електричната енергија.
Организацијата „Спасете ги децата“ (Save the Children) наведе дека милиони деца се принудени да учат од дома поради секогаш присутната закана од гранатирање и ракетни напади бидејќи секој втор ден од почетокот на учебната година во Украина се уништува училиште.
Вкупно 3.025 образовни институции – училишта, градинки и универзитети се бомбардирани или гранатирани откако Русија ја нападна Украина во февруари минатата година, при што 406 беа целосно уништени.
Според податоци на УНИЦЕФ, две од три украински деца бегалци што живеат во странство во моментов не се запишани во образовниот систем на земјата домаќин.
Извор: МИА