X
 24.04.2021 Наша тема

Инфлуенсерството на праг да стане професија - купувачите сакаат да чујат лични мислења за одреден производ или компанија

Инфлуенсерите играат важна улога во информирањето на публиката, но како дел од целокупниот маркетинг-микс, вели Ива Дујак, доктор на науки од областа на маркетингот, со специјализација дигитален маркетинг и ЦОО во маркетинг-агенцијата „Бренд унион“


Инфлуенсер-маркетингот е занимање во подем. Социјалните мрежи му дадоа поинаква димензија на маркетингот, пософистицирана. А пазарот полека открива дека купувачите го променија начинот на размислување и аголот на перцепција, сè помалку им веруваат на традиционалните форми на реклама, а сè повеќе претпочитаат да чујат персонални мислења за одреден производ или компанија, реално искуство, презентирано и испромовирано на поприроден начин.
Како што вели Ива Дујак, доктор на науки од областа на маркетингот, со специјализација дигитален маркетинг и ЦОО во маркетинг-агенцијата „Бренд унион“, инфлуенсер-маркетингот е, всушност, приспособување на нешто што одамна било застапено, односно препораки од славни личности и поврзување со новите можности на дигиталните канали за комуникација.

Уникатна приказна - успешен инфлуенсер

Истовремено инфлуенсерите нудат лично, емотивно поврзување и засилена „од уста на уста“ комуникација преку каналите на социјалните мрежи. Сето тоа склопено дава одлична основа за продажба, па така нивниот развој е совршено надополнување на останатите маркетинг-напори на брендовите, додава Ива.


Ива Дујак

- Инфлуенсерите се препознатливи ликови кои по дефиниција би требало да бидат експерти на одредена тема и да градат заедница околу таа тема. Во денешно време експертизата е дел кој не секој инфлуенсер го поседува, но способноста да гради и одржува онлајн-заедница е неопходна. Главните фактори за успешноста на еден инфлуенсер се уникатната приказна или уникатниот пристап на веќе популарна тема, конзистентноста во комуникацијата, редовно објавување, како и внимателно одбирање со кои брендови треба да се оствари соработка. Првите фактори придонесуваат инфлуенсерот да биде препознаен од публиката како релевантен, додека долгорочната комуникација и внимателно одбраните соработки влијаат врз градењето доверба кај публиката. Степенот на влијание на инфлуенсерот најмногу зависи од него лично. Доколку работи на својот бренд на вистински начин – внимава како и кога комуницира, не прифаќа што било само за да заработи и гради приказна која и реално ја живее, тогаш е голема веројатноста дека ќе може да оствари големо влијание - објаснува Ива.

Првата инфлуенсер-кампања со „Бренд унион“ ја организирале во 2014 година и вели дека работите сериозно се имаат променето оттогаш – многу посериозна посветеност, поголем ангажман и разбирање на маркетинг-комуникација кај инфлуенсерите, но и кај компаниите што ги ангажираат. Таквиот брз развој остава простор за уште поголеми очекувања во иднина.

Занимање во развој

- Според истражувањата на „Медиакикс инфлуенсер“, се очекува до 2022 година маркетингот да вреди околу 15 милијарди долари на светско ниво, што е доволен знак за потенцијалот за развој. Верувам, како што и докажуваат многу светски примери, дека постои можност за развивање на инфлуенсерството како професија и допрва ќе ги гледаме вистинските ефекти што може да ги понуди овој тип маркетинг - вели Дујак.

Според нејзиното искуство, потрошувачите стануваат сѐ посвесни за начините на кои некој им продава, но не смета дека комплетно ја изгубиле довербата во старите форми на рекламирање и комуникација.

- Стојам на тоа дека инфлуенсерите играат важна улога во информирањето на публиката, но како дел од целокупниот маркетинг-микс. На нашиот пазар има уште многу да се работи за да се искористи потенцијалот од овој начин на комуникација. Потребна е сериозна едукација на компаниите, но и на инфлуенсерите со цел да се подигне нивото на комуникација и очекувања. Кај компаниите, би рекла малку посериозно согледување на буџетите кои се потребни за спроведување инфлуенсер-кампањи и разноликост во приодот во кампањите, додека кај инфлуенсерите, поголема ажурност и професионализам во спроведувањето на услугите за клиентите што ги ангажираат. Верувам дека имаме големи можности за раст и дека во иднина ќе имаме уште многу поголеми и поефикасни инфлуенсер маркетинг-кампањи - потенцира таа.


Миа Костова

Инфлуенсерството ѝ е примарна работа на Миа Костова

Миа Костова е една од помоќните инфлуенсерки кај нас и со искрен тон, природен пристап, константност во јавноста влева доверба кај своите следбеници и е лик чие мислење се почитува.

- Имав околу 4.500 следбеници кога воопшто не ме интересираше „Инстаграм“ и кога журката беше на „Фејсбук“. Работите сами си се местеа, особено по соработката со Фабијан-клиника, кога ставив импланти во градите јавно и тоа беше првата голема компензација. Денеска речиси воопшто не работам компензации, работам со исклучителни компании и брендови, како Божиновски, Барнер, Тиенс, Самсонајт, а во моментов имам потпишано договор со 8 бренда од кои најмалку четири се долгогодишни договори и наскоро ќе ја заокружам бројката на 38.000 следбеници, од кои ниту еден никогаш не е купен - вели Миа.
Според неа, има многу што да се зборува на оваа тема и има разни инфлуенсери.



- Оние што се тука за бројки и слики кои реално „не постојат“, лажен гламур за слава. Има од оние што се тоа што се и затоа имаат стекнато своја публика и има инфлуенсери кои се тука зашто се веќе познати на јавноста и ги следат поради талентот. Спортисти, пејачи, глумци и слично. Инфлуенсер е некој што има влијание врз поголема маса на луѓе. Дали може да продаде нешто што ќе стави на „Стори“ или може да расплаче 20 илјади луѓе, сеедно. Конкретно за мене, со сигурност, без размислување, ќе кажам дека најмногу ги привлекува соработниците тоа што секогаш кај мене на профил се рекламира внимателно одбран производ, нешто во што јас сигурно верувам за да го препорачам... Немам соработки „колку да се рече“ - вели Миа.
Таа вели дека има простор инфлуенсерството да прерасне во професија. Во моментов ова ѝ е примарна работа, а верува дека ќе прерасне во нешто повеќе.

И компаниите го препознаа трендот

Кога станува збор за тоа колку компаниите ангажираат инфлуенсери, Ана Јанковска, корпорејт комуникејшнс специјалист во „А1“, вели дека инфлуенсерите придонесуваат за поголема видливост на брендот, но и производите и услугите што ги нуди, ги подобруваат релациите помеѓу брендот и потрошувачите, корисниците и секако помагаат со препораки за носење одлуки за купување одреден бренд.

- Активацијата на инфлуенсери е релативно нов тренд, особено во нашата држава, но дефинитивно зема голем замав и сѐ почесто може да се види во стратегиите на големите компании, а последната година и кај помалите бизниси. Инфлуенсерите на социјалните медиуми имаат своја верна и ентузијастичка публика со која делат исти интереси, мислења или животен стил. Ако порано потрошувачите бараа мислења за производите на интернет-портали и форуми, денеска се информираат преку инфлуенсерите. Инфлуенсерите се ефикасен канал за комуникација со потрошувачите и со вистински стимуланси и реална содржина можат да создадат поголема лојалност кон брендот - изјавува Јанковска.

Ако направиме паралела помеѓу традиционалните и дигитални форми, не можеме да кажеме дека едното е поефикасно од другото, тука главна улога има целната публика и производот или брендот што треба да биде промовиран, но ако се вратиме на инфлуенсерите кои треба да ја пренесат пораката, важно е тие да бидат релевантни, да ја имаат довербата од својата публика и нивниот животен стил да биде во релација со производот или услугата што ја промовираат вели таа.


Ана Јанковска

- За нас како компанија, од голема важност е информациите за нашите производи и услуги да дојдат до постојните и потенцијалните корисници. Нашата база брои над 1 милион корисници, па речиси е невозможно сите да бидат опфатени само преку еден канал на комуникација и промоција. Секој канал има своја целна група, па не можеме да кажеме дека едниот е поефикасен од другиот, зависи и производ што сакаме да го промовираме. Дигитализацијата ги донесе социјалните медиуми, а потоа инфлуенсерите, кои отворија нова врска помеѓу компаниите и корисниците, меѓутоа, вештината за правилна комбинација на традиционални и дигитални канали придонесува за поефикасна комуникација.
Пред речиси 3 години „А1 Македонија“ почна да работи со инфлуенсери за промоција на своите производи и услуги, но и за подигнување на свеста за самиот бренд, особено во периодот по ребрендирањето - додава Ана.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема