Бруцошите што есенва ќе ги започнат студиите на медицина во Албанија ќе мора да потпишат договор и да се обврзат по дипломирањето да останат пет години во татковината за да работат, а потоа ќе можат да си ги земат дипломите, најави тамошната министерка за образование Евис Куши.
Таа додаде дека времето кое дипломираните студенти по медицина ќе треба да го поминат во Албанија по дипломирањето е различно, а и дека оние што сакаат да си ја земат дипломата порано ќе мора да си ги платат реалните трошоци за студиите.
- Бруцошите, или поточно кандидатите за студенти кои ќе се квалификуваат, пред уписите на универзитет ќе потпишат договор со Универзитетот по медицина, Министерството за образование и спорт и Министерството за здравство и социјална заштита за да се ангажираат по дипломирањето да останат 5 години да работат во нашите здравствени установи и дипломата ќе ја земат по исполнувањето на оваа задача. Во меѓувреме, студентите кои веќе студираат на почетокот на оваа академска година ќе потпишат договор и ќе се ангажираат да останат три години, оние што се втора, трета и четврта година на студии, додека студентите од петта и шеста година по дипломирањето ќе треба да работат две години во Албанија. Повторно, дипломата ќе може да се земе по исполнувањето на оваа задача. На студентите што веќе се во систем ќе им се понуди ако не се согласуваат да потпишат договор, да си ги платат реалните трошоци за секоја преостаната академска година, но не и за годините што веќе ги поминале - изјави Куши додавајќи дека оние што сега ќе се запишат на општа медицина нема да имаат избор и ќе бидат обврзани да работат во Албанија 5 години по дипломирањето.
Куши нагласи дека ако за една година на студентите не им се најде работа во соодветните институции во Албанија, тие ќе можат да си ги земат дипломите. Таа нагласи дека тоа нема да се случи, но е предвидено во договорите.
Сето ова е дел од нацрт-закон за кој Куши рече дека ќе биде презентиран во албанскиот парламент со забрзана процедура бидејќи во август матурантите кои сакаат да студираат општа медицина имаат дополнителен испит.
Извор:
Shqiptarja