X
 24.06.2022 Забава

Човекот што ги помести границите: Интересни факти за Фреди Меркјури што не сте ги знаеле

Малку музичари оставиле толкав белег на уметноста, културата и публиката како Фреди Меркјури. Иако остана запаметен по екстравагантноста на сцената, не се знаеше многу за неговиот приватен живот.

Еве неколку интересни факти за кои можеби не сте знаеле за најдобриот пејач на сите времиња, како што докажа и науката.

1. Роден е како Фарок Булсара

Фарок Булсара почнал да се претставува како Фреди додека бил во интернатот „Свети Петар“ во Мумбаи. Тој официјално го променил своето име во Фреди Меркјури околу 1970 година, кога била формирана групата „Квин“

2. Роден е во Занзибар

Меркјури е роден во Стоун Таун, дел од Занзибар во денешна Танзанија. Неговото семејство се преселило таму за да може неговиот татко да ја продолжи кариерата во британската колонијална канцеларија. Тој пораснал помеѓу Занзибар и Индија пред да се пресели во Мидлсекс, Англија, кога бил тинејџер.

3. Тој и неговото семејство практикувале зороастризам

Меркјури и неговото семејство биле Парси и практикувале зороастризам, една од најстарите монотеистички религии во светот. Иако со години не го практикувал, неговиот погреб го извршил зороастриски свештеник.

4. Имал распон на гласот од четири октави

Додека зборувал бил во баритонскиот опсег, но поголемиот дел од пеењето бил во тенор. Во 2016 година, тим од научници одлучил да го проучува гласот на Меркјури. Меѓу многуте заклучоци до кои дошле е дека гласните жици на Фреди вибрирале побрзо од оние на просечниот човек. Исто така, група австриски, чешки и шведски научници спровеле студија, врз чија основа Фреди бил прогласен за најдобриот пејач на сите времиња.

1
Фото: Wikipedia

5. Го дизајнирал грбот на групата „Квин“

Благодарение на неговата диплома по уметност и графички дизајн на Колеџот за уметност „Илинг“, Фреди бил нешто повеќе од лицето на бендот - тој исто така го брендирал бендот. Грбот што тој го дизајнирал е составен од хороскопските знаци на целата група - два лава кои ги претставуваат Џон Дикон и Роџер Тејлор, рак кој го претставува хороскопскиот знак на Брајан Меј и две самовили кои го претставуваат знакот на Фреди, девица. Се разбира, буквата Q и круната го означуваат името на бендот, а феникс ја штити целата работа.

6. Бил многу срамежлив

Иако е познат по својата живост и невоздржано однесување на сцената, луѓето кои лично го познавале Меркјури велат дека тој бил многу срамежлив во приватниот живот, што е една од причините поради која ретко давал интервјуа.

- Во реалниот живот, никој не го познаваше Фреди. Тој беше срамежлив, нежен и љубезен. Никогаш не беше тој Фреди од сцената - - изјави еднаш Роџер Тејлор.

7. Ѝ открил на јавноста дека има СИДА само еден ден пред да почине

Меркјури и неговиот менаџер издале соопштение во кое потврдиле дека Меркјури има СИДА еден ден пред неговата смрт. Веќе неколку години во јавноста се зборувало за лошиот изглед на Фреди и ненадејниот недостаток на турнеја на бендот. Некои луѓе биле многу вознемирени од оваа одложена изјава, велејќи дека објавувањето порано би поттикнале прилив на огромни суми пари како средство за борба против болеста.

8. Обожавал мачки

Фреди обожавал мачки и во еден момент имал 10 мачки. Дури и цел албум и песна (Mr.Bad Guy) ги посветил на своите мачки, а песната „Delilah“ ја напишал за својата омилена мачка.

2
Фото: Instagram


9. Еден од неговите белези бил микрофон без долниот дел

Во раните фази на бендот, некаде на средината на шоуто, држачот за микрофон на Фреди бил преполовен. Наместо да го замени, Меркур го искористил каков што е. Подоцна продолжил да користи таков држач за микрофон.

10.  Работел како носач на багаж на аеродром

Пред да стане еден од најпопуларните пејачи во историјата на музиката, Меркјури имал помалку гламурозна позиција - носач на багаж на аеродромот „Хитроу“. За да го прослават 72-от роденден на Меркјури неколку превозници на багаж на аеродромот „Хитроу“, на 5 септември ги забавувале патниците со кореографија од почит кон нивниот поранешен колега.

Извор: National Geographic
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава