24.06.2022
Живот
„Национални шуми“ не забранува движење на Водно и во националните паркови
Откако Јавното претпријатие „Национални шуми“ соопшти дека од денеска на сила стапува делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште од 6 до 20 часот, за чие непочитувања граѓаните може да добијат казна од 1.500 до 2.000 евра, кај луѓето се јави дилема каде точно може да се движат и дали на тој начин ќе им биде скратено задоволството од разладување под сенките на дрвјата во најблиските паркови.
Сепак, од „Национални шуми“ на социјалните мрежи појаснија дека движењето в шума ќе биде дозволено доколку си извадите дозвола во една од нивните подружници, но додаваат и дека ова јавно претпријатие не издава дозволи и не забранува движење во националните паркови и парк-шумата Водно.
Од јавното претпријатие напишаа:
„За да нема недоразбирања за забраната за движење во шума, мало објаснување:
-Секој може да се движи во шума со претходно добиена дозвола. Дозволите се издаваат во 30 подружници на „Национални шуми“;
-Националните паркови (Пелистер, Галичица, Шар Планина, парк-шумата Водно) се посебни субјекти и „Национални шуми“ за нив не даваат дозвола и не забрануваат движење“
Оттаму потсетуваат дека минатата година го имавме најголемиот шумски пожар во поновата историја, а штетата од него се проценува на околу 7 милиони евра само за „Национални шуми“.
-Штетата за наредните години е непроценлива, бидејќи изгоре дрвна маса од 380.000 м3 - истакнаа од „Национални шуми“ и додадоа дека забраната за движење во шума е превентивна и нема никакви други намери.
Од претпријатието соопштија дека делумната забрана за движење во шума ќе трае сè до проценката дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, а истата не важи за МВР, Шумска полиција, ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“ - Скопје, субјектите што вршат шумско-стопански активности сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти на површините со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“ - Скопје, стручните служби на концесионерите на дивечот во ловиштата кои се наоѓаат на територијата со која стопанисува/управува ЈП „Национални шуми“ - Скопје и лица кои имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“ - Скопје.