Витаминот Д е познат како „сончев витамин“ бидејќи телото го создава кога е изложено на сонце. Сепак, многу луѓе имаат недостиг на овој важен нутритиент дури и среде лето. Околу 60 проценти од светската популација не внесуваат доволно витамин Д, тврди д-р Мајкл Холик, професор по медицина на Медицинскиот факултет „Чобанијан и Аведисијан“ при Универзитетот во Бостон. Неговиот недостиг може да помине без симптоми, иако некои чувствуваат мускулна слабост, болки во коските или промени во расположението.
-Тоа всушност не е само витамин, туку хормон кој ги одржува коските силни и здрави, а покрај тоа има улога и во функцијата на мускулите - објаснува д-р Кендал Ф. Мозли, директорка на Центарот за метаболички болести на коските и остеопороза „Џонс Хопкинс“.
Истражувањата се занимаваат и со улогата на витаминот Д во превенцијата од рак, зајакнувањето на имунитетот, борбата против кардиоваскуларните болести и деменцијата. Лекарите објаснуваат кои се неочекуваните причини за неговиот недостиг.
Тешко е да се внесе доволно преку исхраната
- По правило, со здрава исхрана дневно внесуваме само од 100 до 400 меѓународни единици (ИУ) витамин Д, што според повеќето стандарди не е доволно. Освен тоа, храната богата со витамин Д за многумина не е чест избор - вели Мозли.
Намирници што содржат витамин Д се рибите туна, лосос и скуша, жолчките, говедскиот црн дроб и маслото од црн дроб на бакалар. Може да се најде и во млекото, јогуртот и житариците, но Мозли истакнува дека и понатаму е предизвик да се внесат доволни количини исклучиво преку храната.
Кожата не се изложува на директно сонце
Кога УВБ-зраците ќе ја погодат кожата, го поттикнуваат телото да произведува витамин Д. Сепак, постојат многу препреки кои можат да ги блокираат тие зраци, објаснува д-р Мозли. Во зима или во подрачја со многу облаци изложеноста на сонце е помала, но дури и во сончевите краишта луѓето не добиваат доволно витамин Д од сонцето. Д-р Холик нагласува дека времето од денот е клучен фактор.
-Дури и преку лето, ако излезете надвор во 8 или 9 часот наутро, нема да произведете значителна количина витамин Д. Истото важи и за периодот по 15 часот. Сè зависи од аголот под кој сончевите зраци доаѓаат до Земјата - додаде тој. Улога има и квалитетот на воздухот. „Ако живеете во град со високо загадување, честичките во воздухот ги апсорбираат УВБ-зраците и така ја намалуваат способноста на телото да создава витамин Д“, рече Холик.
Покрај тоа, поради поголемата свест за ракот на кожата, луѓето помалку се изложуваат на сонце. Дерматолозите препорачуваат кожата да се заштити со престој во сенка, со кремови со заштитен фактор (СПФ) од најмалку 30 и со заштитна облека.
-Важно е да се користи крем за сончање заради превенција од рак на кожата, но тоа дефинитивно може да го намали производството на витамин Д - истакна д-р Лејла Кан, ендокринолог во клиниката „Кливленд“. Таа додаде дека луѓето денес поминуваат помалку време на отворено бидејќи поголемиот дел од денот работат во затворен простор или се возат во автомобил.
Со годините телото произведува помалку витамин Д
Како што старееме, кожата потешко произведува витамин Д, дури и кога ги впива сончевите зраци, вели д-р Мозли.
- Во нормални услови УВБ-зраците на кожата покренуваат хемиска реакција која го претвора соединението слично на холестерол, познато како 7-ДХЦ, во витамин Д. Со годините кожата постепено ги губи резервите од тоа соединение. Постарата кожа воедно е потенка и помалку ефективно реагира на УВ-светлина - вели д-р Холик. Додаде дека дваесетгодишник може да произведе два до три пати повеќе витамин Д отколку седумдесетгодишник при иста изложеност на сонце.
Имате потемет тен
Лицата со потемна кожа имаат повеќе меланин, супстанција која ѝ дава боја на кожата, очите и косата. Меланинот ги впива УВ-зраците, што обезбедува одредена заштита на кожата, но истовремено го намалува производството на витамин Д.
Имате хронична болест или земате лекови
Одредени медицински состојби можат да ја попречат апсорпцијата на витамин Д, а тука спаѓаат целијакијата, нарушувањата во работата на цревата или состојбата по баријатриска операција, објасни д-р Кан. На нивото на овој витамин можат да влијаат и масниот црн дроб, цирозата или хроничното оштетување на црниот дроб.
-Црниот дроб го претвора витаминот Д во облик што се нарекува 25-хидроксивитамин Д, објасни д-р Мозли. -Ако црниот дроб не работи добро, тој чекор на претворање може да биде нарушен, па помалку искористлив витамин Д влегува во крвотокот.
Висок ризик имаат и лицата со болести на бубрезите. „Бубрезите го преземаат витаминот Д обработен во црниот дроб и го претвораат во калцитриол, хормон кој помага во апсорпцијата на калциум и здравјето на коските“, вели таа. Кога функцијата на бубрезите ќе ослабне, тој процес се прекинува.
Бидејќи витаминот Д тешко може да се добие исклучиво од храната, а кожата е важно да се штити од прекумерно сонце, се препорачува земање додатоци во исхраната.
Фото: magnific