Технологијата за препознавање лица во Кина се користи за сè - од идентификување на криминалци до мерење на внимателноста на учениците на час. Сега е воведен и систем во метро кој овозможува користење на лицето како билет.
Кинеските медиуми пренесуваат дека системот во метрото во јужниот град Шенжен почнал да ја користи технологијата за да им овозможи на луѓето постари од 60 години да се регистрираат за бесплатно возење. Во другите градови сè уште се експериментира.
Технологијата во Шенжен била распоредена на 18 станици со 28 автоматски машини и 60 процесори за самоуслужување. Технологијата била развиена од кинескиот конгломерат „Тенсент“, кој исто така делумно оперира со метроата во градот.
Системот за препознавање лица полека добива популарност на станиците. Според известувањата, повеќе од 500 патници секој ден во Ѓинан плаќаат за возење преку скенирање на
лицата.
Плаќањето за добрата и услугите преку скенирање на лицето не е нов феномен во Кина. Според известувањата на западните медиуми, двете гигантски кинески служби за плаќање (Алипеј и ВиЧат пеј) се во трка да инсталираат киосци кои им помагаат на муштериите да платат со помош на технологијата за препознавање лица. Помалите компании, пак, ја користат технологијата и за верификување на лицата што аплицираат за заеми.
Во клима во која масовното набљудување е сè поголема грижа во светот, луѓето во Кина ја прифаќаат идејата за користење на технологијата за препознавање лица како начин на плаќање. Според истражување објавено од страна на кинеската Асоцијација за плаќање и клиринг, во 2018 година 85 отсто од консументите немале ништо против плаќањето со биометриски метод, како што се отпечатоци или скенирање на лица.