Франција и Германија неделава потпишаа договор со кој се обврзуваат заеднички да развиваат нов борбен авион кој во оперативна служба би требало да влезе во 2040 година.
Овие две држави решија да го направат овој чекор само поради економски причини бидејќи развивањето на новиот авион несомнено ќе чини десетици милијарди долари. Колку за потсетување, на развој и производство на два повеќенаменски борбени авиони од петтата генерација, „F-22 Raptor“ и „F-35 JSF“, Американците потрошија 66,7, односно 405,6 милијарди долари. Такви ресурси овие две земји, сами за себе, па и заеднички, тешко дека можат да издвојат за еден воен проект.
Се очекува водечката улога во проектот да ја преземе Франција, конкретно компанијата „Дасо“, која произведува одлични, иако скапи борбени авиони. Од друга страна, придонесот на германската страна ќе биде финансирање на проектот и дополнително купување поголем број нови авиони. Овие две држави веќе имаат сличен проект во поглед на развојот на нов тенк, со тоа што тука Германија ја има водечката улога во развивањето.
Управување со дронови
Деталите за новиот проект се чуваат во тајност, но сепак може да се претпостават некои работи за можностите на новиот авион. Се очекува новиот авион да има два мотора. Исто така, би требало да има намалена видливост за радари, а поради тоа што оружјето ќе биде „скриено“ во внатрешноста на авионот, се очекува да биде поголем од веќе познатите „Рафал“ и „Еврофајтер“. Новиот авион ќе има и напреден радар и моќен компјутер, кој ќе му овозможи брзо споделување на податоци со други платформи. Меѓу другото, пилотот би требало да има можност од својот авион да управува со јато дронови, кои ќе ги напаѓаат непријателските мети.
Исто така, авионот ќе биде повеќенаменски, оспособен за борба во воздух со други авиони, но и напаѓање мети на земјата. Поради барањата на Франција, авионите ќе имаат можност да носат и проектили со нуклеарни боеви глави.
Развојот ќе трае 22 години
Она што не е сигурно е евентуалната можност авионите да полетуваат и да слетуваат на носач на авиони. Тоа би барало потешка и поотпорна опрема за слетување, што сигурно ќе ги зголеми трошоците за развој.
Авионот сигурно нема да биде во оперативна служба пред 2040 година, особено ако се земе предвид времето што беше потребно за да се развијат споредбените авиони од петтата генерација во САД (повеќе од десет години за F-22 и околу 20 години за F-35). Дополнителна причина за подолгиот развој ќе бидат веќе споменатите финансии. Имено, Франција следната година за војската ќе издвои од буџетот 39,7 милијарди долари, додека Германија ќе потроши 43,5 милијарди. Со оглед на сложеноста на проектот, не е исклучено за развојот и производството на новиот авион да биде потребен износ кој денес одговара на буџетот за одбрана на двете држави. Развивањето на авионот би требало да почне годинава со изработката на првите студии за новиот
авион.