X
 25.07.2019 Образование

Истражување: Дневниот студентски оброк 61 денар, студентите добивале по една банана месечно

Просечната оценка што студентите сместени во трите дома во Скопје, кои се под капата на Државниот студентски дом „Скопје“ („Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“), ја дале за условите и стандардот на живот во нив е 2,95 на скалата од 1 до 5, покажува истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ) кое опфатило 300 станари во овие домови.

Од вкупниот годишен буџет на ДСД - „Скопје“, кој од 2014 до 2018 просечно е околу 3,5 милиони евра, само 15 проценти се издвојуваат за исхрана на студентите, а 28 отсто се за плати за вработените, а останатите за одржување на домовите. Дневниот трошок за подготовка на храна е 61 денар по студент, т.е. појадок, ручек и вечера, а во тој износ треба да се вклучат и млечни и месни производи и овошје. Нормативот за исхрана е 100 денари (сооднос 20/40/40), но и тој износ, според истражувачите, не би бил доволен со оглед на високите трошоци.

- Пресметките ни покажаа дека за станарите во просек се обезбедува една банана месечно. Од 2015 до 2018 бројот на студенти сместени во домовите е намален за 21 процент и тоа не е само поради масовното заминување на младите од нашата земја, туку и поради лошите услови во домовите - рече Петар Барлаковски.

Најчестиот одговор на прашањето зошто се сместени во студентски дом е затоа што е најевтино и станарите не би можеле да си дозволат друго сместување или затоа што немаат друг избор за сместување. Притоа кажале дека во домовите им недостигаат простории за учење и за спортски и културни активности.

Според истражувањето, 40 проценти од испитаните студенти забележале коруптивни дејства во домовите (за добивање легло или привилегии), а 33 отсто имале лично искуство со некое коруптивно дејство. На прашањето дали би учествувале во коруптивно дејство, негативно одговориле повеќе од 70 проценти, а 89 проценти не знаат каде да пријават корупција доколку забележат.

ДСД - „Скопје“ се финансира од државниот буџет и од партиципацијата на студентите за сместување, која месечно е 3.410 денари. Во земјава има 11 државни студентски домови, а 50 отсто од сите студенти се сместени во овие три дома на ДСД.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование