Од моторот во вашиот автомобил до компонентите во вашиот лаптоп, механичките системи обично се загреваат кога работат понапорно. Сега ново истражување откри дека истото може да се каже и за мозокот - и тој е пожежок отколку што се мислеше претходно.
Некои делови од мозокот можат да достигнат температура до 40 °C, покажа нова студија, иако тоа варира според полот, времето од денот и разни други фактори. За споредба, просечната температура во човечките тела обично е под 37 °C.
Сепак, ова не е знак за неправилно функционирање, сметаат истражувачите, и всушност може да биде доказ дека мозокот работи здраво. Овие пронајдоци би можеле да се користат во иднина за да се бараат знаци на оштетување или нарушување на мозокот.
- За мене, најизненадувачкиот наод од нашата студија е дека здравиот човечки мозок може да достигне температури кои би биле дијагностицирани како температура на кое било друго место во телото - вели биологот Џон О'Нил од Советот за медицински истражувања во Лабораторијата за молекуларна биологија во Велика Британија.
- Вакви високи температури беа измерени кај луѓе со повреди на мозокот во минатото, но се претпоставуваше дека се резултат на повредата - додава тој.
Фото: N Rzechorzek/MRC LMB/Brai
Претходно, тие мерења земени од луѓе со повреди на мозокот биле примарен увид за температурите на мозокот - што не е исто како и снимање на состојбата на мозокот во секојдневниот живот.
Во оваа студија тимот користел техника наречена спектроскопија на магнетна резонанса (MRS) - мерење на хемиски обрасци преку магнетни полиња - за неинвазивно мерење на температурата на мозокот кај 40 здрави доброволци, на возраст од 20 до 40 години. Тие ги комбинирале овие информации со податоци за деноноќниот ритам и времето од денот. Просечната температура на мозокот била 38,5 °C, повеќе од 2 степена повисока отколку под јазикот, откриле истражувачите. Биле забележани варијации врз основа на времето од денот, регионот на мозокот и возраста, полот и менструалниот циклус.
Женскиот мозок во просек бил околу 0,4°C потопол од машкиот мозок, најверојатно поради менструалниот циклус, додека највисоката забележана температура на мозокот била 40,9 °C . Дневните варијации во просек биле околу 1 °C , при што надворешните делови на мозокот генерално се поладни.
- Откривме дека температурата на мозокот паѓа навечер пред да заспиете и се зголемува во текот на денот. Постои добра причина да се верува дека оваа дневна варијација е поврзана со долгорочното здравје на мозокот - нешто што се надеваме дека ќе го истражиме - вели О'Нил.
Истражувачите откриле и дека температурата на мозокот се чини дека се зголемува со возраста и дека регулирањето на оваа температура може да биде клучно за здрав мозок и за преживување на ефектите од значајна повреда на мозокот.
Извор:
Science Alert
Фото: N Rzechorzek/MRC LMB/Brai