X
 25.10.2020 Живот

Мора да бидеме подготвени да ја извадиме маската и да се погледнеме во огледало - мислење на психолог за маските

- Во светот на маски и страв, емоциите останаа длабоко закопани, некаде во длабочината на нашето јадро и ни се појавија огледала, а ние се исплашивме од сопствената слика и избегавме далеку. Сега, кога велиме „маска“, првото нешто што ни паѓа на памет е маската што нè штити од вируси. Некогаш маската се поврзувала со театарот, индијанските поглавари или со маскенбал. Тоа не е далеку од вистината ни денес - пишува психологот Јасмила Талиќ-Кујунџиќ.

Јасмила пишува за маските што ја шокирале неодамна. Таа видела дека луѓето користат маски со фотографирани изрази на лицето. Оваа слика ѝ предизвикала чувство на ужас.

- Тие велат дека овие маски им помагаат на луѓето да ги изразат вистинските емоции, но и да се забавуваат и да ја покажат својата личност. Молам? Се почувствував како заробена во свет на лаги и виртуелен свет во кој веќе ниту едно лице го нема својот вистински израз. Самата помисла дека светот во кој до неодамна живеев речиси исчезнал во мене се отелотвори во ликот на маска на моето лице. Си реков, нема да прифатам дека мојот свет го нема, колку и да се смениле некои работи: можноста за допир, прегратка, физичка блискост. Што е тоа што останало од мојот свет и што никој не може да ми го одземе? Не е маската.

Јасмила го дава примерот со приказната за Стенли, фиктивниот лик од филмот „Маска“. Стенли, кој го игра Џим Кери, всушност е она што се и повеќето луѓе - конформист за да ги задоволи другите и да биде прифатен на штета на сопственото задоволство. Како што објаснува таа, маската на Стенли е персона што Карл Густав Јунг ја нарекува социјален или конформистички архетип и има цел да ја скрие приватната личност. Тоа е архетип што се појавил преку искуствата на предците и се покажал како успешен во комуникацијата меѓу луѓето.


- Како што би рекол Јунг, персоната не е ништо реално и тоа е илузија, дводимензионална реалност. Персоната е условена од социјалната класа, работата, културата и националноста и често луѓето користат неколку персони во различни ситуации - објаснува Јасмила.

На сличен начин како што маската е сенка на Стенли, во филмот „Џокер“, Џокер е сенка на главниот лик Артур Флек. И во овој филм се разгледува поединец што е погрешно разбран и отфрлен од општеството, а затоа се врти кон деструктивниот дел во себе.

Овие приказни за маски и сенки се чинат комплицирани, но може да нè доведат до јадрото на нашето битие, кое единствено останува, дури и кога сè друго ќе исчезне. Тоа е одговорот на Јасмила на прашањето што е тоа што останува од светот и што никој не може да ни го одземе. Сенката е една од пречките што ги надминуваме и ги интегрираме во нашата личност за да дојдеме до сржта на нашето битие.

- Мора да бидеме подготвени да ја извадиме маската и да се погледнеме во огледало - вели таа.

Како што вели и Јунг, „Огледалото не ласка, туку верно го покажува она што го гледа, односно лицето што никогаш не му го покажуваме на светот затоа што го криеме преку персоната, актерската маска“.

- Да погледнеме наоколу и да бидеме нежни бидејќи сите рани не се видливи. Тие се во длабоките погледи околу нас, искрите, бисерните солзи скриени зад персоната. Персоната е добра ако ни служи за функционирање во светот, но не смееме да станеме само тоа. Ние сме повеќе од неа. Бидејќи кога нашите тела ќе исчезнат, од нас нема да остане нашата шминка или нешто друго видливо што им го сервираме на другите за да бидеме убави и прифатени - пишува Јасмила.

Како што вели Виктор Франкл, „она што останува е јас, духовното јас“.

- Од целиот свет и маските што бледнеат пред мене ќе остане моето битие, моите сеќавања, спомени, надежи и верувања дека повторно ќе живееме во светот кој некогаш го знаевме.

Автор: Јасмила Талиќ-Кујунџиќ
Извор: psihoverzum.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот