X
 26.07.2023 Живот

Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска со повеќе активности и манифестации одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.

На 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, со помали потреси до 5 часот и 43 минути. Притоа беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.

По трагедијата на Скопје, меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје.

Обединетите нации презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град.
На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. Подоцна, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

На 14 октомври, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје, во која се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.

Шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје денеска ќе се одбележи со повеќе активности.

Преку проектот на Министерството за култура насловен „Скопје во пет и седумнаесет“ ќе се реализираат повеќе настани на неколку локации низ главниот град. Активностите во рамките на проектот почнаа синоќа во паркот „Ибни Пајко“, со концерт со македонски евергрин композиции и стихови посветени на Скопје.
Програмата ќе продолжи во Музејот на современата уметност (МСУ) каде што ќе биде отворена дигиталната изложба „Подемот и падот на Скопје“ на Државниот архив, преку фотообјективот на Киро Георгиевски, вработен во Градското собрание во 1950-тите години. Изложбата во МСУ ќе може да се посети од 10 до 13 часот и од 15 до 17 часот.

Кон одбележувањето на 60-годишнината на скопскиот земјотрес ќе се приклучи и Кинотеката каде што од 18 часот ќе биде прикажан избор од кратки филмски журнали на „Филмски новости“ по повод земјотресот во Скопје. Филмовите прикажуваат автентични архивски снимки од урнатините на градот, а во нив е документирана и меѓународната помош.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот