X
 27.05.2024 Образование

Лани во Македонија дипломирале 7.422 студенти, од кои над илјада на државните факултети за медицински науки

Во 2023 година во Македонија дипломирале 7.422 студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите, што претставува намалување за 0,81% во споредба со 2022 година, соопшти Државниот завод за статистика. Од вкупниот број дипломирани студенти, 6.043, односно 81,4% се редовни, а 1.379, односно 22,8% се вонредни студенти. 64,8% се дипломирани студентки. Од вкупниот број студенти, 37% дипломирале во рокот, додека 63% дипломирале по рокот.

Според податоците, на најголемиот и најстариот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје лани дипломирале 2.762 студенти, најмногу на Филозофски (363), на Економски (354) и на Медицинскиот факултет (299). На ФИНКИ лани дипломирале 236 студенти, на Правен 220, на Филолошки 212 итн. Најмал број дипломски трудови во рамките на УКИМ биле одбранети на Архитектонскиот факултет, само 4, и тоа сите жени.

На второто место по дипломирани студенти од државните универзитети е Тетовскиот со 865 дипломирани студенти, од кои најмногу на Факултетот за медицински науки (338). Втор по најголем број дипломирани студенти на овој универзитет е Природно-математичкиот факултет со 112 одбранети дипломски трудови, а сите други се со двоцифрен и едноцифрен број дипломирани студенти.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип лани дипломирале 774 студенти, најмногу на Факултетот за медицински науки (256), а сите други имаат двоцифрен, додека Ликовната и Филмската академија едноцифрен број дипломирани.

На Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола лани дипломска одбраниле 547 студенти, најмногу на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид (109) и на Факултетот за безбедност во Скопје (100).

На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје во 2023 година дипломирале 199 студенти, најмногу на Факултетот за социјални науки (83).

Последен по број на дипломирани студенти од државните е Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, каде што лани дипломирале 57 студенти, најмногу на Факултетот за компјутерски науки и инженерство (18).

На Високата медицинска школа во Битола дипломирале 36 лица.

Ако се собере бројот на дипломирани студенти на сите државни факултети по медицински науки (со оглед на тоа што на УГД и на УТ во рамките на факултетите за медицински науки се и факултети како фармацевтски и стоматолошки, но и тригодишните студии), излегува дека лани во Македонија диплома по некоја од медицинските науки зеле 1.099 лица (469 на Медицински, Стоматолошки и Фармацевтски при УКИМ + 338 од Факултетот за медицински науки при УТ + 256 од Факултетот за медицински науки при УГД + 36 од Високата медицинска школа во Битола). 

Не треба да заборавиме дека и на одредени приватни универзитети има студии по некои од медицинските науки, што дополнително го зголемува бројот.

На приватните високообразовни установи лани дипломирале 2.083 студенти, најмногу на Универзитетот за туризам и менаџмент - Скопје (600), Југоисточноевропскиот универзитет - Тетово (435) и на Меѓународниот славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ – Свети Николе (226).

Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование