X
 27.05.2026 Живот

Мост вреден 6,7 милијарди долари што изгледа како да е од друга планета: под морето возат автомобили, а тунелите ги чуваат роботи

На устието на Бисерната Река, која се влева во Јужното Кинеско Море, се наоѓа еден од најнаселените и најфреквентни делови на планетата. Хонгконг, Макао и големите градови во провинцијата Гуангдонг со години биле поврзани преку сложени и бавни морски маршрути, па патувањата траеле по неколку часа.

Кина сега го реши тој проблем со проект за кој многумина велат дека е еден од најголемите градежни потфати на современото време.

Станува збор за огромната сообраќајна врска Шенжен – Жонгшан, проект вреден околу 6,7 милијарди долари, кој поврзува два големи кинески града кои се на спротивните страни на Бисерната Река. Благодарение на овој систем од мостови и тунели, патувањето кое порано траело околу два часа сега може да се помине за половина час.

Но ова не е обичен мост.

Целата конструкција е долга околу 24 километри и се состои од повеќе делови. На двете страни има огромни мостови, додека во централниот дел сообраќајот се спушта под морето преку подводен тунел кој поврзува два вештачки острови направени специјално за овој проект.

 

Целиот систем има осум сообраќајни ленти, а возилата можат да се движат со брзина до 100 километри на час.

Изградбата траела седум години, а проектот бил отворен пред околу две години. Оттогаш за него се зборува низ целиот свет бидејќи поставил дури десет светски рекорди во областа на градбата на мостови и тунелската инфраструктура.

Меѓу нив се најголем распон на висечки мост со челична конструкција, највисока конструкција на мост над море, најголемо сидро за морски висечки мост и најдолг двонасочен подводен тунел со осум ленти на светско ниво.

Тунелот е долг повеќе од пет километри, а на некои делови широк дури 55,6 метри, што го прави еден од најимпресивните подводни проекти некогаш изградени.

Посебно внимание привлекува напредниот безбедносен систем.

Низ тунелот постојано патролираат 14 роботи кои ја контролираат инфраструктурата од кабли, цевководи и целокупниот систем. Тие можат да детектираат сообраќајни несреќи, да снимаат ситуација и преку вградени звучници да ги насочуваат возачите, додека информациите ги испраќаат до централниот контролен центар.

 

По ѕидовите на тунелот е поставен и специјален систем на светла кој ја менува бојата во зависност од ситуацијата. Кога е безбедно, светлата се зелени, а во итни случаи стануваат црвени. При евакуација постепено се менуваат за да им го покажуваат правецот на движење на луѓето.

Овој проект дополнително се поврзува со познатиот мост Хонгконг–Жухаи–Макао, најдолгиот морски мост на светот, долг околу 31 километар.

Кинеските власти веруваат дека овие мегапроекти ќе го направат целиот регион уште подобро поврзан и економски посилен, додека експерти од светот велат дека тоа е еден од најголемите архитектонски и инженерски подвизи на денешницата.

Извор: Nova.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот