X
 27.08.2021 Наша тема

Факултетските раководства подготвени за претстојните уписи, наставата ќе биде комбинирана

На Факултетот за електротехника и информациски технологии, според онлајн-пријавите, најголем е интересот за студиските програми Компјутерски технологии и инженерство и на Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика

Првиот рок за пријавување на кандидати што сакаат да се запишат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е на 31 август и 1 септември, кога ќе треба да се достават потребните документи за упис. Поради пандемијата на ковид-19, доставувањето се врши онлајн по е-пошта, но, сепак, има можност да се достават и директно на факултетите.
Како и минатата година, во текот на летото кандидатите се пријавуваат во електронскиот систем „I know“, а за четири дена треба и официјално да ги достават сите потребни документи.

Проф. д-р Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии, вели дека според онлајн-пријавите, најголем е интересот за студиските програми Компјутерски технологии и инженерство и на Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика.

- И изминатите години за овие насоки интересот беше голем. Мислам дека овде би го пополниле потребниот број уште во првиот уписен рок. Официјално, уписите се на 31 август и на 1 септември, кога студентите треба да ги испратат на е-пошта потребните документи согласно конкурсот. Потоа ќе правиме ранг-листи – вели Ташковски.


Проф. д-р Димитар Ташковски

Во врска со начинот на кој ќе се изведува наставата, тој вели дека ќе се работи како и досега.
- Ние ќе работиме како што работевме досега, комбинирано, ако дозволува епидемиолошката ситуација. Изминатата година цело време работевме комбинирано. Испитите си течат, студентите ги полагаат и со физичко присуство и онлајн. Наставата главно е онлајн, со исклучок на лабораториските вежби во погорните години, кои мора да се изведуваат со физичко присуство. Предавањата се онлајн – дополнува деканот.

Најголем е интересот за студирање психологија

Филозофскиот факултет, како и минатата година, веќе втора година ги спроведува уписите по електронски пат. Деканот, проф. д-р Ратко Дуев вели дека овие неколку дена пријавувањето е отворено и кандидатите првично се регистрираат електронски и ја пополнуваат пријавата.
- За оние кандидати што немаат пристап до интернет или имаат дилеми, имаме обезбедено две простории на факултетот, каде што наши вработени можат да им помогнат и да им ги објаснат деталите околу пријавувањето - посочува деканот.
Вели дека досега најголем интерес има за Институтот за психологија.
- Психологијата е атрактивна насока на факултетот со години наназад, но особено сега со пандемијата на ковид-19 се зголеми интересот за оваа насока - заклучува проф. Дуев.


Проф. д-р Ратко Дуев
Како што тој информира, по електронски пат досега на факултетот пристигнале околу 400 пријави, а очекуваат да запишат до 450 студенти во прва студиска година.
- Последните одлуки се наставата да тече комбинирано, но со оглед дека студиската година почнува на 1 октомври, ќе видиме каква ќе биде епидемиолошката слика дотогаш, па ќе се разгледува можноста и за физичко присуство на наставата - додава деканот Дуев.

На Медицина пристигнале 860 пријави

Професор д-р Соња Топузовска, деканка на Медицинскиот факултет во Скопје, вели дека пријавувањето за уписи во прва година тече по електронски пат, а интересот е голем како и секоја година.
- Досега се пристигнати околу 860 пријави за сите студиски програми. Од нив, интересот е најголем за насоката Општа медицина, каде што имаме околу 500 пристигнати пријави. Интересот е ист секоја година, нема промени - посочува таа.
Според Топузовска, предвидено е наставата да се одвива комбинирано, а практичната настава, со оглед на специфичноста на предметите и на програмата на факултетот, ќе биде насочена за физичко присуство на студентите.
- Апелираме и до нашите студенти да се вакцинираат што поскоро. Според податоците, околу 65 отсто од студентите на Медицинскиот факултет се веќе вакцинирани - додава проф. Топузовска.


Професор д-р Соња Топузовска
Подготвил: Р.З./А.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема