Сѐ поголем број млади се одлучуваат да се насочат на некоја од студиските програми за компјутерски технологии и понатамошно градење кариера во оваа струка, додека пак други инженерски дисциплини имаат недостиг на студенти. Што е тоа што го прави инженерството привлечно за младите од земјава? Кои се клучните фактори за дефицитарниот број на студенти на дел од инженерските науки?
Инженерството, особено областите поврзани со компјутерските технологии, имајќи ги предвид атрактивните работни места и добрата заработувачка, сè повеќе стануваат професионална определба на младите. Овој интерес се должи на новите технологии и дигиталната транзиција на општеството. Образованието што го стекнуваат во нашата држава им овозможува многу лесно да се пласираат на меѓународниот пазар на труд, да живеат во некоја од развиените земји или, пак, да работат на далечина. Речиси и да нема невработени инженери, оние што работат на струката или, пак, градат друг тип кариера. Но, сепак, има голема разлика во нивните примања, а некогаш тие се толку мали што не соодветствуваат на инженерските знаења и вештини. Тоа особено е нагласено кај дел од инженерските науки кои имаат мал број запишани студенти и наскоро може да се случи витални стопански гранки, како што се енергетиката, градежништвото, металургијата и други, да останат без квалификувана високообразовна работна сила. Специфичностите и одговорноста на работното место бараат голем ангажман уште во текот на студирањето, причина повеќе зошто тие се дефицитарни. Надминувањето на предизвикот значи подобрување на перцепцијата кај младите за овие професии, за што клучна улога имаат нашите компании, универзитетите, професионалните организации и државата во целина.
Оваа година беа доделени признанијата „Инженерски прстен“ на најдобрите студенти од техничките факултети, одбележувајќи го и јубилејот 20 години како традиционално се доделува ова значајно признание. Колку факултети и студенти се опфатени со ова признание?
Признанието се доделува на факултети од првите пет рангирани државни универзитети, по строго дефинирани критериуми, како што е бројот на дипломирани студенти во генерација, нивниот успех и време на студирање, но и вкупниот бројот на студенти од постењето на факултетот и рангот на универзитетот. Во зависност од овие параметри, бројот на факултети од година на година се менува, затоа што за нас е најзначајно признанието да го добијат најдобрите дипломирани студенти. При изборот на добитниците, кои ги предлагаат факултетите, се прави дополнителна оцена на нивниот успех. Последниве неколку години тоа се 12 млади инженери од три универзитети, „Св. Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“ и „Св. Климент Охридски“. Наредната година повторно ќе ги рангираме факултетите со цел континуирано следење на нивната успешност во образување инженерски кадри и секако, да сме сигурни дека навистина сме ги избрале најдобрите. Одговорноста на двете институции кои го доделуваат признанието под покровителство на актуелниот претседател на државата, Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, е уште поголема затоа што ова признание веќе е етаблирано како престижно и уникатно, не само во државата, туку и многу пошироко.
Кое е значењето на признанието „Инженерски прстен“ и колку оваа награда ги мотивира младите студенти да се борат да бидат најдобри во својата генерација?
Иако континуирано го следиме кариерниот развој на добитниците, годинава по повод големиот јубилеј имавме неколку средби со нив на тема „Добитниците зборуваат за...“, како до успешна инженерска кариера, насоки за подобрување на образованието и стекнување вештини кај студентите, директно поврзано со технолошкиот развој на нашата држава. „Инженерскиот прстен“ е признание препознаено од студентите, па уште во текот на студирањето ги инспирира. Секогаш се соочуваме со предизвик да ги одбереме најдобрите меѓу најдобрите. Гледајќи на ова прашање од дваесетгодишна перспектива, признанието ја остварува својата цел, студентите да постигнуваат добри резултати, младите да студираат инженерство, а добитниците да се стремат кон успешна професионална кариера. Денес, добитници на „Инженерскиот прстен“ се врвни стручњаци, универзитетски професори и научници, во земјата и во странство.
Досега 214 инженери се стекнале со најголемото признание на крајот од завршувањето на студиите. Ги препознаваат ли универзитетите и нашето стопанство младите кадри и колку од нив се насочија кон градење професионална кариера токму овде во Македонија?
Само триесеттина од добитниците на признанието се универзитетски професори и истражувачи, што за жал е многу мала бројка. Тоа се должи на немањето конзистентна државна политика најдобрите да градат академска кариера, како што е секаде во светот. Едноставно сите овие години многу тешко се добиваат нови вработувања кои би ги задржале во Македонија. Тие уште во текот на студирањето меѓународно се препознатливи и не можејќи да ги чекаат долгите и несигурни постапки за вработување, заминуваат во странство. И не само тоа, тие речиси и да немаат државна поддршка за градење академска кариера, па таа се сведува на можностите што ги имаат факултетите, па преку проекти да ги финансираат нивните научни истражувања. Во сите овие години само еднаш МОН распиша конкурс за докторанди, што не заживеа како практика. Исто така, пред десетина години предложивме да се донесе закон за сигурно вработување на најдобрите дипломирани на универзитетите, но за жал иницијативата не најде на разбирање од државата.
Добитниците на признанието повеќе ги гледаме како научници отколку како инженери во стопанството, иако нашето стопанство е многу заинтересирано за нивно вработување, особено со навлегувањето на странски капитал и воведувањето нови технологии во производните капацитети. Околу една третина од сите добитници на признанието работат во македонските компании, но за жал повеќе од половина веќе се заминати во странство.
Инженерската институција на Македонија чиј претседател сте вие е токму и иницијаторот на признанието „Инженерски прстен“. Кои други активности ги преземате вие како институција за поддршка на младите инженери?
Инженерската институција на Македонија, како асоцијација на 18 здруженија од сите инженерски дисциплини, целосно е посветена на младите, иницирајќи го пред 20 години признанието „Инженерски прстен“, но и формирајќи го Клубот на млади инженери во 2018 година. Тој има цел да ги вмрежува младите инженери и студенти и остварува интердисциплинарна соработка, која е есенцијална за развој на нивните професионални кариери. Преку Клубот тие се наметнуваат на стопанството, универзитетите и македонската јавност, истакнувајќи ги своите гледишта и потреби. Од 2018 година Инженерската институција на Македонија е членка на Европската организација на млади инженери, во која нашите млади учествуваат во креирањето на европските политики. Горди сме на нивната проактивност и квалитет, веќе препознаен на меѓународно ниво, па во последните три години организиравме две европски конференции на млади инженери, на кои учествуваа по над 120 инженери. Конференциите се одржаа под покровителство на претседателот на државата.
Клубот работи неуморно, организирајќи голем број предавања на истакнати професионалци и научници, но и промовирање млади успешни инженери, воспоставувајќи суштинска соработка со македонските компании и универзитети.
Како да ги задржиме младите инженери во државата знаејќи дека сѐ поголем број млади се иселуваат?
Прашање на кое долго се бара адекватен одговор и тема која континуирано се отвора на сите настани, во нашите говори, во говорите на политичарите и деканите. Иако интелектуалната миграција е светски тренд и движење од неразвиените кон високоразвиените земји, сепак, секоја држава треба да има своја автохтона политика за задржување на младите.
Таа не се создава со имплементирање други стратегии и со ангажирање странски експерти, туку напротив, со здружување на сите чинители во нашето општество кои имаат влијание и можат да придонесат во создавањето одржлива долгорочна национална стратегија, со конкретни акциски планови. Ни треба наградување на најдобрите, како што тоа го прави Инженерската институција на Македонија, државна финансиска поддршка уште во текот на студирањето, подобри услови за студирање и квалитетни студиски програми, препознаени од стопанството. Не би ја намалила улогата и на компаниите во оваа алка на чинители. Ако ги сакаат нашите инженери во нивните производни капацитети и развојни одделенија, треба да ги придобијат уште од студентските денови со можности за платена пракса и стипендии. Само така тие ќе проценат дали овие млади им одговараат со своето знаење и вештини, а пак студентите - дали компанијата е добра за професионален избор. Очигледно е дека компаниите во недостиг на квалитетни кадри сè повеќе бараат начини за привлекување на млада работна сила, што секако е многу значајно.
Фото: приватна архива