X
 29.11.2018 Наука

Психолошки трик со кој можете да се ослободите од лошите мисли

Секој човек добро знае колку е прекрасно кога ќе се израдува за нешто убаво, но и колку лесно се забораваат убавите вести. Од друга страна, кога ќе ви се случи нешто лошо или кога ќе слушнете лоша вест, ситуацијата е малку различна - влегувате во колосек и враќањето во нормала не е толку едноставно.

Алисон Леџервуд, специјалист по социјална психологија, и сама забележала дека е тешко да се извлече откако ќе ѝ се случи нешто лошо. Овде е важно да се напомене дека не станува збор за сериозни животни губитоци, туку за оние помали работи што негативно влијаат врз нашите чувства. Како пример ја наведува својата работна недела и покажа графикон на своите чувства.


Фото: Youtube


Неделата започнува на основната линија на чувствата, што значи дека нема ни исклучително позитивни ни исклучително негативни чувства. Потоа, на пример во вторник, ќе ѝ соопштат дека некој нејзин научен труд е одобрен, што ќе ја израдува и тоа е првиот скок во графиконот. Но, ова чувство на среќа поминува брзо и веќе за неколку часа е повторно на основната линија. Ако во среда или во четврток ѝ соопштат дека некој друг нејзин труд не е одобрен, тоа ќе ја онерасположи и овој пад се гледа на графиконот. Она што е интересно е дека од тоа негативно чувство не може тукутака да се врати на основната линија, бидејќи чувството на неуспех постојано ја следи.

Дури и кога потоа ќе се случи нешто добро што ја радува, повторно не е доволно да ја вивне до небото бидејќи влијанието на негативните чувства од претходниот неуспех и понатаму е силно. Тоа ја натерало да се запраша дали нашиот ум е така направен - буквално да се заглави во негативните мисли?

Затоа, заедно со своите колеги направила едно истражување што суштински се базира на теоријата со полупразна/полуполна чаша. Имено, кога на луѓето им кажувате дека чашата е полуполна, тие генерално ќе имаат многу попозитивни чувства во врска со оваа чаша отколку кога ќе им кажете дека е полупразна. Дури и ако чашата е сосема иста, важно е како им ја претставувате на луѓето.

Држејќи се до таа теорија, Алисон ги поделила испитаниците во две групи и им ја претставила најновата медицинска метода. На една група ѝ било кажано дека методата е 70 отсто од успехот. На другата група ѝ е кажано дека има 30 отсто неуспех. Очекувано, на првата група ѝ се допаднала методата бидејќи се фокусирала на позитивното, додека на другата група не ѝ се допаднала бидејќи фокусот бил на негативното. Но, за да тестира, малку подоцна повторно разговарала со првата група и ѝ објаснила дека тоа што методата има 70 отсто успех значи дека има и 30 отсто неуспех. Методата одеднаш почна помалку да им се допаѓа. А потоа на другата група ѝ објаснила дека за истата метода може да се размислува така што таа има 70 отсто успех, но тоа не ги променило работите. Фокусот и понатаму им бил на тие негативни 30 отсто и не се променило мислењето за медицинската метода.

Не е тешко да се промени мислењето од позитивно на негативно, но обратно е многу тешко.

- Мора да работите за да ја видите позитивната страна на работите. Тоа буквално бара сериозна работа и труд. Добрата вест е дека можете да вежбате и можете да го научите вашиот мозок да ја гледа поубавата страна на работите - вели Алисон.

Еден од начините е секој ден да земате ливче и пенкало или телефонот и да напишете неколку работи за кои сте благодарни. Истражувањата покажуваат дека тие неколку минути дневно можат да направат огромна разлика во вашиот начин на размислување бидејќи започнувате да ги забележувате сите позитивни работи во животот.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука