X
 30.10.2023 Образование

За една деценија речиси преполовен бројот на бруцоши во Албанија

Од 2011 година до оваа академска година бројот на студенти што се запишале во прва година на некој од факултетите во Албанија е намален за 43 отсто, што е последица на намалениот наталитет и имиграцијата на младите.

- Демографските случувања предупредуваат дека во наредната деценија повторно ќе имаме преполовување на бројот на студенти. Падот на наталитетот и имиграцијата фокусирана на младите се очекува да условат вкупниот број на запишани во прва година да биде околу 10.000 во 2033 година, а вкупниот број студенти не повеќе од 50-60.000, од околу 120 илјади колку што беа во претходната година - наведува весникот „Монитор“.

Во анализата што ја прави весникот, во 1950 година Албанија имала само еден универзитет на кој студирале 300 студенти и имало вкупно 13 предавачи, две децении подоцна, во 1970 година, пет универзитети, со 26 илјади студенти, а во 1990 година биле вкупно осум универзитети со 27 илјади студенти и академско тело со 1.806 предавачи.

Најголем број студенти е регистриран во академската 2013-2014 година, кога бројот на студенти достигна повеќе од 176 илјади, во над 24 универзитети, дел од нив приватни.

Во оваа 2023/2024 академска година во јавните и приватните високообразовни институции во земјата вкупната бројка на бруцоши е околу 20 илјади, од вкупно 28 илјади завршени средношколци. Многу мал број од матурантите го продолжуваат образованието во странство, одреден број ја бараат можноста за вработување тука, но поголемиот процент иднината ја гледаат во некоја од западноевропските земји.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование