X
 01.05.2023 Живот

Зошто Јапонија се изолирала од остатокот од светот?

Од средината на 15 до почетокот на 17 век Јапонија поминала период во граѓански војни, хаос наречен Сенгоку.

Тамошните владетели се прашувале од каде таква тензија и зошто постојано избиваат конфликти?

Заклучиле дека тоа мора да е резултат на надворешни влијанија. Ова било време на колонијални експанзии, европското влијание се ширело низ светот на различни начини, вклучително и преку ширењето на христијанството. Била донесена одлука за целосна изолација од надворешниот свет.

Ова е приказна за вековите кои Јапонија ги поминала сама, одвоена од остатокот од светот. Ова е приказна за периодот едо. По крајот на многубројните внатрешни конфликти, цела Јапонија била управувана од воена диктатура или шогунат.

Што е шогунат?

Шогунат е воена власт предводена од шогунот. Во тој период владеело семејството Токугава, така што целиот период од 1603 до 1867 година се нарекува токугава шогунат. Иако имало цар, целата моќ била во рацете на шогуните од семејството Токугава. Значи, владејачкото семејство, одлучило да ја изолира цела Јапонија од остатокот од светот и таа изолација траела речиси два века.

Зошто се одлучиле на таков радикален потег?

Најмногу поради страв. Во тоа време имало голема европска колонијалистичка експанзија. Јапонците се плашеле да не бидат потчинети и поробени од колонијалните сили (Шпанија и Португалија). Затоа, заклучиле дека најдобро би било едноставно да „исчезнат“ и целосно да се затворат. И го направиле токму тоа. Но, зошто овој долг период во Јапонија се нарекува едо? Поради капиталот. Во 1603 година првиот шогун од семејството Токугава, Токугава Иејасу, го основал својот шогунат во Едо.

Во тоа време Едо бил мал рибарски град и не многу важно место, но по сто години станал најголемиот град во Јапонија. Така останал и денес има околу 9 милиони жители. Единствено му било променето името, па од Едо стана Токио.

Периодот едо на Јапонија ѝ донел долга ера на мир и значителен просперитет. Но, бил далеку од прекрасно место за секого. Напротив, Јапонија во периодот едо била строго организирана според класниот систем, така што повисоките класи уживале луксузен живот и не биле ни свесни за животот на сиромашните селани и работници.

Но, периодот едо во голема мера ја создал Јапонија каква што ја знаеме денес, со сите нејзини особености кои често ни се интересни.

самурај
Фото: Freepik

Заедно со сите обичаи, гореспоменатата социјална хиерархија била исклучително важна. На самиот врв бил шогунот. За споредба, царот бил слаба и церемонијална фигура. Под шогунот биле даимио - моќни феудалци. Овие феудалци живееле во изобилство и имале обврска половина од своето време да го поминуваат на имотот што го поседувале, а половина од времето во главниот град Едо. Ова била лукава тактика. Така, тие морале да одржуваат две куќи, една во главниот град, друга во руралните области низ Јапонија. Било доста скапо, а патувањето им одземало многу време. На тој начин овие феудалци немало да станат пребогати и премоќни, за никој да не помисли да изврши државен удар против шогунот.

Потоа на скалата доаѓале самураите, кои се благородна војска лојална на шогуните. Затоа во превод самурај значи оној што служи. Биле високообразовани и често се занимавале со уметност. Носеле два меча: долг за борба и пократок да извршат самоубиство ако имало потреба. Да се умре гордо била најголемата чест за самураите. Самураите сочинувале околу 5 отсто од населението на Јапонија во тоа време.

Селаните и земјоделците биле следни на скалата. Тие морале да плаќаат даноци во ориз. Поради сиромаштијата и повремениот глад, често кревале бунтови. Се проценува дека во периодот едо избувнале најмалку 2.000 селски бунтови.

Занаетчиите биле во уште полоша положба од селаните. Во тој период занаетчиите воопшто не се ценеле во Јапонија. Не биле почитувани затоа што не произведувале храна и со тоа не биле во состојба да плаќаат данок на ориз. Под занаетчиите биле трговците, кои биле уште поомразени: тие не само што не произведувале храна, туку не произведувале ништо, па се сметало дека се ништо.

Под нив биле гејшите, актерите, забавувачите, проститутките, но овие луѓе не биле ставени во хиерархијата и се сметале дека биле „надвор“ од општественото уредување. На крај, имало целосно отфрлена група на луѓе наречени ета и хинин, или преведено како „нелуѓе“. Тоа биле гробарите, питачите, кожарите, но и месарите. Но, зошто месарите?

Причината е будизмот, кој зборува против убивањето животни. Овие луѓе морале да живеат во строго дефинирани квартови на градот, да го почитуваат полицискиот час и другите строги закони.

Дури по падот на периодот едо тие ја добиле својата слобода и тогаш биле наречени шин хеимин, односно нови обични луѓе. Сепак, дискриминацијата продолжила многу долго, а се смета дека некои од овие луѓе со дискриминација се соочуваат и денес.

Извор: Alo.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот