X
 01.07.2024 Живот

Речиси половина од сопствениците на електрични возила во САД сакаат да се вратат на класичните

Проблемите со полнењето предизвикуваат речиси половина од сопствениците на електричните возила (ЕВ) во САД да размислуваат да се вратат на автомобилите со погон на фосилни горива, сигнализирајќи проблеми за транзицијата кон ЕВ.

Студија на американската компанија „Мекинси“ открива дека 46 отсто од американските сопственици на ЕВ веројатно ќе се вратат на класичните возила со внатрешно согорување, во споредба со глобалниот просек од 29 отсто. Примарната причина што ја навеле испитаниците е недостигот од инфраструктура за полнење, по што следува недоволната можност за домашно полнење и предизвиците со патувањето на поголема оддалеченост. Додека грижата за дометот и пристапот до полнење секогаш беа значителни пречки, откривањето на потенцијалот дека тие може да ги натераат сопствениците на ЕВ да се вратат на класичните возила е нов проблем.

Иако интересот за електричните возила и понатаму е голем, достапните модели често се преголеми, скапи и непрактични за замена на традиционалните автомобили.

Производителите на автомобили се трудат да се приспособат за да привлечат нови купувачи среде пазарната промена. Падот на продажбата влијаеше врз сите, од „Форд“ до „Тесла“, принудувајќи ги да ги преиспитаат долгорочните планови за електричните возила.

Покрај напредокот во распонот и брзината на полнење на батериите на ЕВ, значителни празнини во инфраструктурата прават движењето во некои подрачја да биде тешко без класично возило.

Во студијата се нагласува дека проблемот е особено сериозен во САД, каде што речиси половина од испитаниците размислуваат за напуштање на ЕВ, веднаш зад Австралија, каде што 49 отсто од испитаниците го дале тој одговор.

Инфраструктурата за полнење во САД долго време е горлив проблем. Покрај неодамнешните вложувања од автомобилската индустрија, што доведоа до зголемување на бројот на јавни полначи, тие потфати често беа непрофитабилни. Администрацијата на Бајден додели 7,5 милијарди долари за инфраструктура за полнење, со цел додавање на 500.000 полначи до 2030 година. Сепак, напредокот беше бавен, со само неколку станици што работат по одобрувањето на финансирањето пред две години.

Решавањето на проблемот со инфраструктурата за полнење веќе е високо на листата со приоритети на индустријата кога станува збор за отстранување на пречките, но фактот дека тоа би можело да ги одврати постојните сопственици на ЕВ само го влошува проблемот. Таа загриженост ја нагласува итноста на подобрувањето на решенијата за полнење за да се поддржат сегашните и идните корисници на електрични возила.

Извор: zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот