X
 01.11.2022 Наша тема

Валентина Ангелковска, најдобар просветен работник во одделенска настава: „Многу барам од учениците, но и цело време сум тука за нив“

Само што дипломирала на Машинскиот факултет во 1994 година, набрзо се запишала на Педагошкиот факултет. Покрај дипломиран инженер за заштита при работа, одлучила да стане и одделенски наставник. На ваков несекојдневен чекор во своето образование се решила зашто во тоа време се затворале сите фабрики, па како што вели, веднаш се преориентирала на нов факултет и никогаш не зажалила за тоа.

Годинава Сојузот на просветни работници, на Денот на учителот, 5 Октомври, ја прогласи Валентина Ангелковска за најдобар просветен работник од одделенска настава во основно образование. Таа веќе 25 години е вклучена во наставниот процес, најпрво како волонтер, а потоа и како наставник. Годинава води трето одделение во ООУ „11 Октомври“ во Скопје.

- Ние, одделенските наставници сме помеки и помајчински настроени, но се разбира, професионални во извршувањето на нашата работа и тука сме цело време за учениците. Речиси воопшто не користиме одмор. Во целиот работен ден воспоставуваме близок однос со нашите ученици и зборот стрес никој од нас не го чувствува. Оценувањето се врши на начин најдостапен за учениците со цел да видат колку научиле и каде треба да се обрне внимание во иднина. Се даваат насоки како да се постапи понатаму - вели Ангелковска.



Цел живот посветен на учење

Во последните три години е посветена на учење на дигиталните алатки во наставата и стана експерт во оваа област. Веќе две години е МИЕ-експерт на Македонија (мајкрософт-експерт за настава), заедно со 15 наставници од државата.

- Поради моето знаење што го имав кога влегов во настава, беше јасно дека повеќе ќе се насочам кон математиката, природните науки, работа со компјутери и програмирање. Најинтересни проекти ни беа минатата учебна година кога работeвме на таблети на проектот Веб-училница и учениците изучуваа дигитални алатки и дигитално се описменуваа, како и проектот Пеперутки на е-твининг платформата, а на крајот активностите ги завршивме со посета на Матка - вели наставничката.

Автор е на прирачник за градинките, на учебник по математика за прво одделение од 2008 година, активности по математика за прво и за второ одделение, Прирачник по лектира за четврто одделение, рецензент на учебник, а има и други професионални ангажмани. Има многу успеси и награди освоени со учениците: општински, регионални и државни, освоени многу дипломи за прво, второ и трето место по предметите математика, природни науки, работа со компјутери и програмирање, ликовно образование во теоретски и практични знаења.

Просветните работници ја прифатиле како нивно дете

Ангелковска се сеќава дека почетоците во наставниот процес ги имала во 1996 година како волонтер во истото училиште каде што денес е наставник. Наишла на многу пријатна атмосфера и другите наставници ја прифатиле како нивно дете. Тогашниот директор Вангел Коловски ѝ овозможил да ја научи професијата на вистинскиот начин, преку практична настава со учениците.



- Ме прифатија како свое дете. Просветните работнички Марика Трајковска и Елеонора Димитриевска ми ја отворија вратата на нивните училници. Доколку во денот немав ангажман во друга училница, останував во нивната и помагав во наставата. Во тоа време имаше и по 35 ученици во паралелките. Кога Марика Трајковска замина во пензија, јас ја заменив. Тоа беше сосема случајно. Тогаш, во 1998 година, тукушто дипломирав на Педагошкиот факултет со диплома бр.29, што значи меѓу првите студенти - раскажува Ангелковска.
На успесите се радува цело одделение

Домашно воспитување, желба за учење и напредување, внатрешна мотивација и истрајност во завршувањето на дадените задачи. Тоа се квалитетите што ги бара од учениците. Искрена е: „Барам од нив многу да знаат, но и цело време сум тука за нив. Откако ќе дојдам наутро, пред 7:30 часот и додека да си одам дома, цело време го поминувам со учениците и така ми е сѐ под контрола и полесна ми е работата“.

Вели дека во наставата користи лични примери од животот за да ги поттикне да бидат најдобри секој ден. Во посебни моменти ги вбројува и наградите што ги прославува целото одделение.



- Убави моменти имаме секој ден и јас постојано се смеам со учениците. Посебни моменти ни се доделувањето на свидетелствата бидејќи тие тогаш се многу среќни, екскурзиите кои остануваат во нашите сеќавања, како и наградите од натпревари за кои се радува цело одделение. Како и наградите што ги добив во последната година - за најдобар наставник на Општина Центар зa 2020 и Град Скопје за 2021, кои заедно ги прославивме и сега оваа престижна награда - најдобар одделенски наставник на Македонија - вели наставничката.

Таа е наставник со кого учениците остануваат долго поврзани дури и кога заминуваат во повисоките одделенија, а и од училиштето. Омилена е меѓу сегашните и поранешни ученици. Одржува контакти со голем број поранешни ученици на социјалните мрежи, а често пати доаѓаат во училиштето да видат како е.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема