X
 03.04.2024 Живот

Универзитетските професори Марјан Ѓуровски и Димитар Ташковски избрани за претседатели на одборите за акредитација и за евалуација на високото образование

Во Министерството за образование и наука, согласно Законот за високо образование, се одржаа конститутивни седници на новиот состав на одборите за акредитација и за евалуација на високото образование на Република Северна Македонија.

За претседател на Одборот на акредитација на високото образование е избран универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, за кој на тајно гласање од 13 члена се изјасниле 9, а 4 за другиот предложен кандидат. За заменик-претседател на Одборот за акредитација на високото образование е избран професорот Куштрим Ахмети.

Во Одборот има претставници од јавните и приватните универзитети, МАНУ, студентите и Организацијата на работодавците во земјата.
Одборот за акредитација на високото образование ги утврдува условите за вршење високообразовна дејност, како и капацитетот за студирање на високообразовната установа; донесува решение за акредитација на проектот за основање самостојна приватна или приватно-јавна високообразовна установа и нивните единици; одлучува за акредитација на научна установа за вршење високообразовна дејност на студии од втор и трет циклус на студии; утврдува исполнетост на условите за организирање студии за нови студиски програми на високообразовната установа; одлучува за акредитација на ментори на докторски студии; и врши други работи утврдени со Законот за високото образование.

Иден претседател на Одборот за евалуација на високото образование е професорот Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии. Одборот за евалуација на високото образование е колективно стручно тело кое ја следи дејноста на високообразовните установи на кои им е дадена акредитација и решение за почеток со работа; го оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручна работа на академскиот кадар на високообразовните установи, а посебно на нивните студиски програми (согласно прифатените стандарди и постапки на водичот кои се применуваат од Европското здружение за обезбедување квалитет во високото образование); и врши други работи утврдени со Законот за високото образование.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот