X
 03.08.2018 Култура

Дали знаете која е најстарата република на светот?

Историјата на најстарата република на светот, Сан Марино, е една од најубавите приказни на европската историја, а воедно и најневеројатна. Како една толку мала земја успеа да опстане пред сите освојувачи, од Борџија преку Наполеон до Мусолини и Хитлер?

Сан Марино е петтата најмала држава во светот, но затоа е најстарата република што преживеала, барем тие така тврдат, а имаат и аргументи за тоа. Преданието вели дека Сан Марино е основан во 301 година, откако еден ѕидар и христијанин по име Маринус се доселил од далматинскиот остров Раб во 297 година, по повикот на римскиот цар Диоклецијан да се обноват ѕидините на Римини кои ги уништиле либурниските гусари.

Маринус по доселувањето станал ѓакон кој го замонашил риминскиот бискуп Гауденсио, но се повлекол на Монте Титано (планината Титан, денес највисоката точка во Сан Марино). Во планината изградил мала капела и живеел аскетски, но набрзо капелата станала манастир.

Во текот на тие последни години на прогон на христијаните во Римското царство, тој крај станал своевидно прибежиште на верниците. По основањето на капелата-манастир, соптвеничката на земјата,Феличисима, им ја подарила земјата на заедницата која таму се развила, советувајќи ги сите да живеат сложно. Монахот по име Еудипио на почетокот на 6 век ја споменува таа заедница, која прво се викала „Земјата на свети Марин“, за набрзо да го промени тоа име во „Република Свети Марин“ – Република Сан Марино.

Иако во текот на раниот среден век била феудален посед на војводата од Спелето, тие биле слободна комуна со сопствена управа и собрание во кое, според моделот на античката Римска република, седеле старешините на сите семејства. Собранието било познато како „Аренго“. Во 1243 година востановена е функција на „капетан-регент“, по двајца во секој момент што ја вршат должноста на државни поглавари, пак според моделот на стариот Рим, каде постоеле по два конзули со таква улога; таа институција сè уште постои, а денес капетаните-регенти ги избира Големиот и општ совет (собрание) обично од двете најголеми спротивставени партии за да се постигне баланс, со шестмесечен мандат.

Откако населението успеало да одбие два освојувачки обиди во текот на доцниот среден век,  кои ги воделе господарите Монтефелтро од Куќата Малатеста, од римскиот папа во 1463 година добиле неколку блиски дворци и гратчиња: Фиорентино, Монтеџардино и Серавала. Подоцна истата година на Републиката ѝ се приклучил и Фаетано, а оттогаш територијата не им се менувала.

Почетокот на нивниот некодифициран устав датира од 8 октомври 1600 година, кога биле прогласени статутите кои и денес се во сила и затоа се сметаат за најстарите важечки на светот. Две години подоцна, потпишале договор за заштита со Светата столица, односно со папата Климент осми, кој стапил на сила во 1631 година.

Во тие векови, северна Италија била преполна со разни мали државички, од Венеција и Мантова, преку Милано и Сиена до Џенова и Фиренца, како и многу други, но само една успеала да го преживее обединувањето на Италија во 19 век: Република Сан Марино.

Исто така, таа успеала да ја преживее и окупацијата на северна Италија од страна на Наполеон, затоа што Бонапарта бил воодушевен од нивните идеали кои се поклопувале со идеалите на Француската република; не само што го „преживеале“ Наполеон, туку тој им давал и помош во жито, и во 1797 година ги признал како независна земја со мировниот договор од Толентино, потпишан меѓу Првата француска република и Папската држава, што било потврдено и на Виенскиот конгрес во 1815 година.

Сан Марино трипати во историјата бил накратко окупиран: од Чезаре Борџија во 1503 година, во 1739 година од страна на папскиот легат без дозвола на Светата столица и на крајот на Втората светска војна. На 27 јули 1944 година германската војска испратила коминике со кое ги предупредила жителите на Сан Марино дека „независноста не ќе може да се почитува ако биде неопходно за транзит на трупите“, со оглед што Сојузниците навлегувале од југот на Италија.

Три дена по коминикето, германската медицинска единица стигнала во градот, барајќи да им се ослободат две згради за да ги претворат во болници; еден ден подоцна, откако сфатиле дека им се нарушува независноста, властите на Сан Марино напишале три протестни писма: едното до Јоаким фон Рибентроп, германскиот шеф на дипломатијата, второто до Адолф Хитлер и третото до Бенито Мусолини, кој претходно Германците го ослободиле од заробеништво и кој на северот од Италија ја востановил Италијанската Социјална Република и тој им ветил дека ќе се заложи за нив.

Окупација сепак не се случила, иако Сојузниците се судрија со силите на Оската на територијата на Сан Марино во септември таа година, по што Сојузниците ја окупирале републиката во текот на два месеци, по што се повлекле. Во текот на тој конфликт, херојскиот народ на Сан Марино (во тој момент броел 15.000 жители) примил 100.000 бегалци.

Највозвишената Република Сан Марино (како што гласи нејзиното неофицијално име, кое некогаш било официјално) била неутрална и во Првата светска војна како и во секоја друга. Причина заради која Австроунгарија ги прекинала дипломатските односи со нив била таа што две групи од по десет доброволци му пристапиле на италијанската војска, првата како борци а втората како болничари. Официјалниот слоган на оваа земја е едноставен и моќен: „Слобода“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура