X
 27.02.2023 Наша тема

Родителите и наставниците се револтирани - повеќето од учениците од 1. до 5. одделение не можат сами да се приклучат на онлајн настава

Веќе неколку месеци македонските основни и средни училиште се мета на лажни дојави на бомби од страна на непознати испраќачи. Тие добиваат пораки со закани на електронските пошти на училиштата, а учениците мора да се евакуираат.

МОН им укажа на основните и средните училишта во општините насоки и начини на користење на електронските адреси, да ја зајакнат контролата за влез/излез на училиштата, во деновите кога има дојава за бомба училиштето да организира учење на далечина (онлајн настава) наместо целосен прекин (распуштање) на наставата.

Продолжувањето на наставата онлајн е полесно за учениците од погорните одделенија, кои се на класична настава (само една прва смена) и можат полесно да стигнат до нивните домови и да се приклучат на наставата. Меѓутоа, ова претставува проблем за учениците од прво до петто одделение. Тие сѐ уште не можат самостојно да стигнат до своите домови и мора да бидат земени од страна на нивните родители од училиштата, а и не можат сите самостојно да се приклучат на онлајн наставата. Тоа претставува проблем од кој се засегнати три страни - детето, наставникот и родителот.

- Не ми е јасно како МОН мисли да има онлајн настава во случај на дојава за бомба за најмалите. Дали тоа значи дека и родителите ќе бидат ослободени од работа бидејќи прваче или втораче не може само да седи дома и да се снајде со онлајн наставата. Никој не помислува како ние, родителите, ќе го оправдаме отсуството од работа, а да не зборувам за стресот што го доживуваме кога учителките ќе ни пратат порака дека мора веднаш да си ги земаме децата бидејќи имало дојава за бомба. Ова не е решение, ова паѓа само на грбот на родителите – вели мајка на втораче во скопско училиште.



За овој проблем разговаравме и со Ирена Павлоска, наставничка во трето одделение во основното училиште „Круме Кепески “ во Скопје, кое досега само еднаш добило дојава за бомба.

-Јас предавам во трето одделение во училиштето „Круме Кепески“, досега имавме само една дојава за бомба и беше околу 2 часот попладне. Откако се случи дојавата за бомба, веднаш ни рекоа да ги евакуираме учениците од училиштето, да ги однесеме надвор од училиштето до училишната ограда на дворот, колку што е можно подалеку од самата зграда. Потоа ние одма се јавивме кај родителите на децата да дојдат по нив. Со оглед на тоа што на територијата на град Скопје поголемиот дел од учениците од прво до петто одделение се целодневна настава, за нив е поотежната наставата, со тоа што во случај на дојава на бомба, процесот на евакуација може да потрае и до 17-18 часот попладне додека комплетно не се провери училиштето и не се каже дека сѐ е во ред. Дотогаш тие не можат да се вратат во училишната зграда. Исто така, многу материјали за учење остануваат внатре, излегуваме само ние наставничките со учениците и со себе ги земаат само нивните јакни – вели Ирена.

Наставничката смета дека онлајн наставата за ученици од прво до петто одделение кои се во целодневна настава е неизводлива бидејќи учениците не се доволно умешни за самостојно да се приклучат на наставата, ниту пак да стигнат сами до своите домови.

-За онлајн настава за децата од прво до петто одделение, мислам дека не е изводлива, бидејќи тие не се толку вешти за да се префрлат на настава. Наставниците мора да седат во училишниот двор сѐ додека не биде земено и последното дете од страна на родителот, така што и ние не знаеме кога би се вратиле во нашите домови за да ја продолжиме наставата. Исто така, во прашање е и работното време на наставникот, бидејќи ние така ќе работиме прекувремено, а не сме платени за тоа. Според мене, решението на овој случај не е во префрлањето на наставата онлајн, туку пронаоѓање на оној што ги испраќа пораките со дојави за бомби – вели наставничката.

Павлоска сподели дека училиштата како образовни институции се должни да им покажат на учениците дека светот е убаво место за живеење, а во реалноста им се демонстрира нешто сосема друго.

-Сепак, ние сме членка на НАТО и треба да се чувствуваме и да бидеме безбедни. И самите учениците се свесни за тоа, тоа го пишува и во учебниците. Се случува нашите ученици да нѐ прашуваат зошто ако сме членка на НАТО, пак се чувствуваме небезбедни и зошто ни се случува сето ова. Во секој случај, ефектот не е добар за децата, која е пораката што им ја пренесуваме на овие деца, дека ние возрасните не можеме да им обезбедиме еден мирен училиштен ден – заклучи Ирена Павлоска.
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема