X
 05.06.2018 Култура

Во оваа држава расте туризмот бидејќи ги забрани пестицидите

Малата држава Сиким, која се наоѓа на североистокот на Индија, е сместена во подножјето на Хималаите, а граничи со Непал, Кина и Бутан. Пред 15 години почна радикален експеримент - целосно ја отфрли употребата на пестициди.

Ова била шокантна одлука на властите и била доста значајна за Индија, бидејќи напредокот во земјоделството е токму поради употребата на разни видови пестициди, за да се извлече земјата од глад. Но употребата на пестицидите ги покажа и своите негативни страни. Реките биле загадени, а земјата неплодна. Имало и зголемување на бројот на луѓе заболени од различни тумори. Било забележано и загадување на рибите, зеленчукот и оризот, а сето тоа било капка што ја прелило чашата.

Забраната за пестициди се покажа успешна. Не само што ја подобри здравствената состојба на граѓаните, туку и органската исхрана им донесе доста добра заработка - 119 милиони долари. Токму затоа Индија се надева дека овој пример ќе го следат и другите земји. Сиким е земја во која употребата на пестициди се смета за кривично дело, земја во која има околу 190.000 хектари органско земјиште и земја која забрани увоз на неоргански зеленчук.

Но не било отсекогаш така. Некои земјоделци се жалеле дека приносите им се намалиле откако не користат пестициди, а им пречи и недоволната поддршка од владата.

Постојат 5,6 милиони хектари органски области во Индија, додека вкупно Индија има 400 милиони хектари земјоделско земјиште. Побарувачката за органска храна е висока и постојано расте. Пазарот бележи пораст од 25 отсто на годишна основа и 16 отсто на светскиот пазар. Сегашниот пазар на органска храна е околу 8 милиони долари, а до 2020 година би требало да вреди 12 милиони.

Поттикнувач на оваа промена е главниот министер на Сиким, Паван Кумар Чамлинг, кој е основач на проектот од 2003 година. Самообразованиот министер кој во слободно време пишува поезија, најдолго време е министер, од 1994 година.

- Кога се одлучивме да започнеме со органско производство, се соочивме со многу предизвици. Земјоделците не знаеја за што станува збор, па едукацијата ни беше приоритет. Полека, луѓето почнаа да сфаќаат за што станува збор и почнаа да нѐ поддржуваат - изјави тој.

Тој е уверен дека сѐ ќе биде во ред кога станува збор за протестите што следуваа веднаш по забраната за увоз на неоргански производи, што предизвика хаос на пазарот.

За да ја смени долгогодишната практика, во 2014 година Сиким ја прогласи употребата на пестициди за кривично дело и започна образовни програми. До 2016 година целото земјиште добило ознака како органско. Се забрани и употребата на пластични производи.

Државата вели дека од сето ова има голем број предности, па така луѓето добиваат подобра храна, почвата е подмладена, а се намали и опаѓањето на популацијата на диви животни и пчели. Се зголеми и приносот на кардамон за повеќе од 23 отсто од 2014 година, што е поврзано со опрашувањето на пчелите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура