X
 05.08.2020 Наша тема

Жестоки реакции поради поскапувањето: За колку ќе бидат повисоки новите сметки за струја?

Ако просечна сметка за струја изнесува 1.000 денари, следниот месец таа ќе биде повисока за околу 70 денари, а оние домаќинства што за струја трошеле 2.100 денари, од септември ќе платат околу 150 денари повеќе. Покачувањето на цената на струјата најмногу ќе го почувствуваат оние домаќинства што ја користат за греење во зимскиот период, кога просечната цена за една сметка месечно може да надмине и 6.000 денари

Поскапувањето на електричната енергија за домаќинствата предизвика остри реакции во јавноста. Кој најмногу ќе го почувствува и што всушност значи повисоката цена за струја за 7,4 отсто што минатата недела ја одобри Регулаторната комисија за енергетика - РКЕ, т.е. како поскапувањето ќе биде пресметано во крајната сума што месечно се плаќа почнувајќи од септември? Поради поскапувањето има и барања да се намали данокот на додадена вредност - ДДВ, со што практично и би се намалиле месечните сметки.

Со поскапувањето во сметките ќе се промени цената на потрошената електрична енергија по киловат-час, т.е. таа ќе биде повисока за 7,4 отсто во споредба со претходно, и во евтината и во скапата тарифа. Со оглед на тоа дека вкупната сметка за струја што ја добиваме има неколку ставки (за потрошена скапа и евтина електрична енергија, за моќност на електрична енергија, за улично осветлување...), промени на цената ќе има само во ставките за потрошена електрична енергија. Ставката за улично осветлување останува непроменет и фиксен трошок во вкупната сметка за струја.



Колку повисоки ќе бидат сметките?

За да можат граѓаните точно да пресметаат за колку ќе им биде повисока крајната цена на сметката за струја, треба да ја зголемат цената на потрошената електрична енергија за 7,4 отсто и на тоа да ги додадат останатите ставки од фактурата, а на крајната сума да пресметаат и 18 отсто ДДВ, по што ќе ја добијат финалната сума за плаќање.

Според тоа, грубата пресметка покажува дека на финална сметка за струја од 1.500 денари, дополнително ќе се плаќа околу 100 денари. На пример, како што објаснуваат од РКЕ, ако просечна сметка за струја изнесува 1.000 денари, следниот месец таа ќе биде повисока за околу 70 денари. Оние домаќинства што за струја трошеле 2.100 денари, од септември ќе плаќаат околу 150 денари повеќе.

Покачувањето на цената на струјата веројатно најмногу ќе го почувствуваат оние домаќинства што ја користат за греење во зимскиот период, кога просечната цена за една сметка месечно може да надмине и 6.000 денари. Така, нивната сметка тогаш ќе биде повисока за околу 500 денари.

Остри реакции

Во јавноста веќе има жестоки реакции за одлуката на РКЕ. Млади за Македонија формира онлајн-петиција која ја нарече „Граѓанска иницијатива за укинување на покачувањето на струјата и намалување на ДДВ на 5%“, на која се приклучуваат илјадници граѓани.

За утре е најавен и протест на жителите на Тетово, со кој ќе се бара од институциите да се преиспита одлуката за поскапување на струјата и да се формира ново независно тело на местото на Регулаторната комисија за енергетика.
Своето незадоволство поради поскапувањето граѓаните го изразуваат и на социјалните мрежи. Тие велат дека покачувањето ќе го влоши и онака нискиот животен стандард, кој веќе е на удар од економските последици од пандемијата на коронавирусот.



Податоците на европската статистичка агенција „Евростат“ покажуваат дека поевтина струја од Македонија има во Србија, Косово и во Украина. Најскапа струја во ЕУ се плаќа во Германија од 0,3 евра за киловат-час, додека најевтина во Бугарија, каде што е трипати пониска. Меѓутоа, просечните плати во земјите со поскапа струја се повисоки од нашата.

РКЕ: Македонија има најевтина струја

Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, вели дека македонските граѓани имаат една од најниските цени за потрошена електрична енергија. Пониски цени, како што посочува Бислимовски, плаќаат само жителите на Србија и на Косово.

- Небулозно е да се пресметува висината на цената за струја споредбено со просечната плата во Македонија. Ако купувате еден производ, на пример, автомобил, неговата цена секаде е иста и не се формира според различните примања на граѓаните во одредена држава - посочува Бислимовски.

Според него, ако се намали ДДВ-то од 18 отсто на 5 отсто, тогаш вкупниот трошок за струја на домаќинствата ќе изнесува 12 отсто од вкупната сметка.

- Со тоа секако ќе се намалат и приходите на државата - посочува Бислимовски.

И покрај реакциите на јавноста за растот на цената на струјата и барањата таа да се намали, Бислимовски посочува дека Регулаторната комисија за енергетика е единственото тело што може да ја промени оваа одлука.

Како може да им се помогне на граѓаните?


Александар Дединец, научен соработник во МАНУ по енергетика, смета дека целата состојба околу покачувањето на струјата се поларизира и добива политичка димензија.

- Еден од начините да се ублажи ова ценовно поскапување на струјата е државата да го намали ДДВ-то, а другиот начин е да им се помогне на социјално ранливите категории граѓани. Постои и можност тие 100 денари повеќе на сметката за струја граѓаните да ги компензираат ако користат повеќе струја во евтина тарифа. На тој начин можат да го анулираат ова поскапување. Тоа значи да имаат повеќе потрошена електрична енергија во евтина тарифа, која е речиси дупло поевтина од скапата тарифа на потрошена електрична енергија - објаснува Дединец.

Според него, граѓаните мора да се навикнат дека и во иднина ќе има осцилации на цената на струјата, односно некоја година ќе имаат покачување на цената, некоја намалување, зашто сега има слободен пазар.

- Ако сега цената е зголемена за 7,4 отсто и ако компаниите работат подобро отколку што го планирале, тогаш следната година може да се намали цената на електричната енергија. Цената на електричната енергија се менува согласно условите на пазарот за електрична енергија и се одвива во пазарни услови, слично како што е ситуацијата на пазарите за нафта - посочува нашиот соговорник.

И тој тврди дека плаќаме една од најниските цени за струја по апсолутна вредност, но мора да се има предвид дека е потребно да се гарантира стабилност на системот, како и да се зголемат инвестициите во овој сектор, особено во нови капацитети за производство на електрична енергија, имајќи ги предвид ограничените ресурси (јаглен).

Според новиот Законот за енергетика, со кој целосно се либерализира пазарот на електрична енергија, начинот на кој се формира цената на електрична енергија сега е поинаков од тој пред три години кога во потполност цената ја регулираше РКЕ, односно сега Универзалниот снабдувач (ЕВН Хоме) ја купува електричната енергија за своите потрошувачи на слободниот пазар по најниска цена од понудените.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема