X
 08.05.2023 Образование

Шаќири: Ќе се проценат ризиците за да се види дали треба да се ограничи употребата на „Тик-ток“

МОН ќе има состаноци со надлежни институции кои треба да проценат кои се ризиците од употребата на мрежата „Тик-ток“ за учениците за да се заклучи дали треба да се ограничи нејзиното користење. За безбедноста во училиштата ќе има интензивни состаноци со педагози, психолози и родители, а од септември прирачници и протоколи со мерки, соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

-Денеска ќе продолжиме со состаноци со институциите кои треба да проценат кои се потенцијалните ризици од употребната на Tик-ток, какви материјали содржи и начинот како го употребуваат учениците во основно и средно образование - рече Шаќири
Институциите за безбедност треба да проценат колку е лош материјалот на „Тик-ток“, со оглед и на неколку видеа од ученици за кои постапува МВР. Посочи дека тука ќе се вклучат Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за електронски комуникации, како и други институции од ИКТ-секторот за да се разгледаат начините на употреба на оваа апликација.

-Ако можеме од институциите за информатика да имаме конкретни ограничувања во начинот на отворање, внесување податоци, ќе ги разгледаме сите можности - рече Шаќири, додавајќи дека за препораки во однос на овие содржини се размислува и во други земји.

Нагласи дека треба и сите институции да се координираат и да разменуваат информации – министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, секторите за образование по општини.

-Ќе се разгледува и како стоиме со кадарот – психолози, педагози. Некаде има по двајца, но бројот на ученици е различен по училишта. Ќе имаме анализа за тоа што може да придонесе севкупниот број на стручниот кадар во училиштата – основни или средни, и тие заедно да соработуваат во препораките. Според информации што ги добивам, некои од училиштата почнаа со редовни состаноци, итни состаноци, состаноци со родители. Покрај со класните наставници, ќе почнат и со психолози и педагози, кои досега постапуваа само за одредени случаи, рече Шаќири.

Додаде дека ова се првични мерки, а од новата учебна година ќе има и конкретен протокол.

-Очекувам од септември да имаме повеќе протоколи, повеќе прирачници, ќе ја разгледаме воспитната програма, работата на центрите за социјална работа итн. - додаде министерот за образование и наука.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование