X
 08.10.2022 Живот

Дали некогаш сте се запрашале зошто „Старбакс“ им ги пишува имињата на клиентите на нивните кафиња?

Познатиот синџир на кафулиња „Старбакс“ ги пишува имињата на клиентите на нивните чаши пред да им го даде кафето или друг пијалак што ќе го порачаат.

Но, дали некогаш сте се запрашале зошто „Старбакс“ го прави ова, а не и другите кафулиња?

„Старбакс“ почнал да ги пишува имињата на клиентите на чашите во 2012 година за да создаде подобра лична врска со своите клиенти, а не од самиот почеток на постоењето на компанијата. Целта на оваа практика е да се развие поинтимен однос со клиентот и нивната нарачка да биде повеќе од класична продажба. Имињата на чашите, исто така, им помагаат на шанкерите да запомнат и да сортираат нарачки и да ги спречат клиентите со слични нарачки да земат погрешна.

Она што ги нервира многумина што пијат кафе во „Старбакс“ е погрешното пишување на имињата, што е особено карактеристично за областите каде што се зборуваат странски јазици (за кои не важи пишувај како што зборуваш, читај како што пишуваш). Сепак, интересно е дека и за ова постои причина.

Верувале или не, ова се прави за луѓето да ги фотографираат и да ги споделуваат на социјалните мрежи, што некои го толкуваат како начин за дополнителна реклама на компанијата преку социјалните мрежи.

Кога „Старбакс“ почна со оваа практика?

Иако повеќето луѓе претпоставуваат дека „Старбакс“ отсекогаш ги пишува имињата на клиентите на нивните нарачки, компанијата, основана во 1971 година, всушност почнала да го прави тоа во март 2012 година.

Како дел од „Иницијативата за име“ во 2012 година, шанкерите од „Старбакс“ почнале да носат беџови со сопствените имиња.

Но, што го натерало „Старбакс“ да го преземе овој чекор со оглед на тоа што е компанија која до тој момент правеше кафе повеќе од 40 години?

Одговорот на прашањето е: За да создаде уште подобро искуство за своите клиенти.

„Старбакс“ и искуството на клиентите

Постојат многу кафулиња, а многу од нив прават добро кафе. Токму ова е причината што „Старбакс“ се обидува да се разликува од другите, обезбедувајќи го најдоброто можно искуство за клиентите.

Ако клиентот може да ја добие истата шолја кафе или чај во „Старбакс“ како и во секое друго кафуле, но се чувствува поценет и  дел од заедницата на „Старбакс“, тогаш тој ќе го избере токму ова кафуле.

Но, како вашето име на шолја прави да се чувствувате ценети и дел од заедницата? Поради извонредната моќ да викате некого по име.

Дејл Карнеги, автор на познатата книга „Како да стекнете пријатели и да влијаете врз луѓето“, напишал: „Името на една личност е најслаткиот и најважниот звук на кој било јазик“.

Поблиска врска

Иако можеби не изгледа како голема работа, кога го знаете името на личноста која ви го послужува првото утринско кафе, а и таа го знае вашето, тоа создава поблиска врска помеѓу вас и кафулето, која инаку не би постоела.

Ако сте редовни во „Старбакс“, вашиот шанкер може дури и да се сети на вашето име и да го напише на шолјата без да морате да му го кажете.

Ова е промотивното видео што „Старбакс“ го користеше кога првпат го воведе пишувањето на имињата на чашите во Велика Британија.



Друга причина: „Старбакс“ и практичноста


Друга причина зошто „Старбакс“ го пишува вашето име на шолјата е затоа што им помага и ним, но и вам да избегнете да ги измешате сличните нарачки.

Имињата на шолјите се особено корисни во текот на работното време. Кога 10 кафиња чекаат на шанкот за некој да ги земе, на клиентот би му било речиси невозможно да открие кое кафе е негово.

Квалитет, но не само на производите


„Старбакс“ е општо познат по висококвалитетното кафе што го продава низ целиот свет. Но, очигледно, тие се познати и по ставање голем акцент на корисничкото искуство.

Пишувањето на имињата на клиентите на шолјите и на беџовите на шанкерите ѝ овозможува на компанијата да воспостави лична врска со своите клиенти.

За важноста на користењето на личното име говори и фактот што „Старбакс“ успеа да ја подигне својата компанија на повисоко ниво на деловно работење, а кон тоа треба да се стреми секоја компанија.

Извор: Angryespresso.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот