Кога ќе погледнете кон таванот на базиликата „Свети Франциско“ во гратчето Асизи во Италија, сигурно не очекувате да го видите лицето на ѓаволот.
Сепак, на фреската на куполата на црквата токму ликот на Луцифер е скриен меѓу облаците.
Ренесансните уметници имале чудна смисла за хумор. Микеланџело во Систинската капела скрил мноштво „тајни знаци за предноста на науката пред верата“, а Леонардо скрил – жена во „Тајната вечера“.
Слично на тоа, и познатиот сликар Џиото во 13 век го сместил ѓаволот во сликата што ја опишува смртта на свети Франциско од Асизи, но ако не се доближите до таванот, нема да го забележите.
Стручните лица го откриле тоа дури кога базиликата била подложена на реставрација по силен земјотрес во 1997 година. Приближно 700 години „шегата“ на Џиото останала тајна.
Со длабоки очи, остар нос, лукава насмевка и рогови, сатаната се појавува на фреската на која е прикажана смртта на свети Франциско. Но, според стручните лица, ни Џиото не очекувал некој да го види тоа бргу по создавањето на сликата.
Всушност, официјалната верзија на приказната е дека уметникот со ова сакал „да се пошегува“, но и да се одмазди. Ликот на сатаната најверојатно му припаѓа на човек кој Џиото го познавал, но неговиот идентитет засега останува тајна.
Мистериозната фреска е уникатна поради уште една причина. Таквата сликарска техника, според доскорешните научни сознанија, почнала да се користи околу 1460 година, речиси два века по смртта на Џиото.
Извор: МИА