X
 09.12.2023 Образование

Кон одбележувањето на Св. Климент - патронот на УКЛО, oбраќање на ректорот, проф. д-р Игор Неделковски

Почитувани присутни,

Денес го одбележуваме денот на нашиот патрон, го славиме Св. Климент, кој го посветил својот живот на образование и наука согласно средновековните стандарди. Повеќе од 1.100 години подоцна, славејќи го неговото име, ние ги славиме современото образование и наука.

А на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, популарниот УКЛО, има и што да славиме.

УКЛО е универзитет кој во домашниот и европскиот едукативен простор не настапува повеќе сам, туку е дел од европска универзитетска алијанса. Во 2023 г. УКЛО стана првиот и засега единствен македонски универзитет кој стана член на Европска универзитетска алијанса. УКЛО и уште осум други универзитети од Германија, Франција, Шведска, Шпанија, Италија, Полска, Литванија и Хрватска се здружија во универзитетската алијанса КОЛОРС. Оваа алијанса во наредните четири години ќе биде поддржана од Европската комисија со повеќе од 14 милиони евра да основа заеднички наставни програми и научни истражувања, да работи на видливоста на универзитетите во заедницата, да ги поддржува претприемачките вештини на студентите, да го поддржува процесот на доживотно учење, да ја поддржува дигитализацијата и зелената агенда. Најавуваме дека УКЛО од 1 јануари 2024 веќе не е регионален македонски универзитет, туку европски универзитет кој на европско ниво ќе дејствува заедно со своите партнери.

УКЛО во минатата академска година стана и еден од ретките универзитети кои во своите редови имаат нобеловци. Во оваа иста сала, во мај годинава во почесен професор на УКЛО го промовиравме проф. д-р Ден Шехтман од Израел, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2011 година.

Успесите на меѓународната сцена се рефлектираа и на домашната. Со големи напори, по повеќегодишна пауза, успеавме да го „подмладиме“ УКЛО.

Минатата година во ова време, од ова исто место испративме очајнички крик дека универзитетот старее и дека ситуацијата со научен подмладок и млад наставен кадар е алармантна. Оваа година славиме што изминатата година имаме 30 нови вработувања, од кои 25 се на наставен и соработнички кадар. Тоа е многу, многу повеќе од сите 10 минати години заедно кога во периодот 2012-2021 се вработиле вкупно 17 наставници и соработници.

Ваквата бројка од 25 нови согласности за вработувања на наставен и соработнички кадар значи дека само во една година за 10% е обновен, односно подмладен наставниот кадар на УКЛО. Се надеваме оваа практика ќе продолжи и во наредната година. Уште повеќе се надеваме и испраќаме апел со наредната измена на законите конечно да се тргне обврската универзитетите да мора да бараат согласност за вработување од надлежните министерства при пензионирање или заминување по друга основа на вработените наставници.

Вредно е да одбележиме дека по повеќедецениска стагнација или само симболично зголемување на платите, во 2023 имаме историско зголемување на платите од 30%. Се надеваме дека ова е само почеток и дека полека образованието и знаењето ќе го наоѓаат своето место под сонцето во сончевата Македонија. Впрочем, постојаниот недостиг на квалитетен и стручно оспособен кадар на пазарот единствено може да се реши со перманентно инвестирање во сите степени на образование. Не може да има квалитетно високо образование без квалитетно средно образование, ниту квалитетно средно образование без квалитетно основно образование.

Горди сме што полека, но сигурно успеваме да го подигнеме рејтингот на меѓународните универзитетски ранг-листи на кои е рангиран УКЛО. Напоменуваме дека образованието не е спортски натпревар за да може да се прави табла на освоени бодови, но јавноста често сака да се занимава со високото образование на спортски начин. Затоа потенцираме дека на рангирањето на webomеterics се искачивме за околу 1.000 места во споредба со 2022, а на EduRank не само што напреднавме, туку успеавме да бидеме второрангирани од универзитетите во Република Северна Македонија.

rektor

Со оглед дека светските рангирања главно се базирани на научните перформанси на универзитетите, во услови кога константно се намалува државниот буџет за наука, со нашите скромни приходи продолжуваме со стимулирање на научните истражувања. Впрочем, за кратко ќе ги наградиме најистакнатите научници на УКЛО за академската 2022/23. Првпат во историјата на УКЛО. А традиционално ќе ја наградиме и нашата иднина - најдобрите дипломирани студенти во изминатата академска година. Формиравме и клуб на талентирани и надарени студенти со кои посебно се работи со цел да се вљубат во науката. Очигледно кога нема средства за наука во државата, само љубовта кон науката ни останува главен мотив за научни истражувања.

Почитувани присутни,

Академската заедница често пати во светот се квалификува како изолирана заедница, која под превезот на академската слобода, која треба секаде да е загарантирана, се отуѓува од заедницата во која дејствува. УКЛО не е таков. Го промовиравме проектот УКЛО Мрежа во кој веќе ги опфативме првите научници и организации кои сакаат да се здружат со УКЛО и заедно да настапуваат кон трети страни. Со овој потег максимално се отвораме кон заедницата, кон сите организации и поединци што имаат капацитет и желба за заедничка работа на научни истражувања и развојни проекти.

Тука сакам да ја истакнам и одличната соработка со дел од општините во кои дејствува Универзитетот „Св. Климент Охридски“  - Битола, а пред сѐ, со Општина Битола, Општина Прилеп и Општина Новаци. Не само што потпишавме меморандуми за соработка туку и веднаш ја операционализиравме. Општина Битола ги отвори вратите за нашите студенти, понуди платена пракса во општинските установи и претпријатија за студентите на УКЛО. Веројатно е пионер или една од првите во државата со овој потег. Општина Прилеп најави дека ќе го следи примерот на Општина Битола. На овој начин не само што студентите ќе стекнат практични знаења и вештини во функционирањето на јавните служби, туку и општините ќе можат да селектираат квалитетен кадар, кој сѐ потешко ќе се наоѓа поради глобализацијата и флуктуацијата на работната сила. Да го споменам и значајниот потег на Општина Новаци, која како рурална општина се одлучи да ги стипендира младите жители на оваа општина кои ќе се запишат на факултет, со цел да ја подобри едукативната структура на жителите на руралните средини и да ја намали миграцијата кон градовите.
Квалитетот на нашиот УКЛО го препознаа доста бизниси кои традиционално понудија значителен број стипендии за нашите студенти. Но нашата цел е многу поголема од обезбедување стипендии. Од 30 септември оваа година ги променивме актите на УКЛО и сега е овозможено практичната настава да се изведува не само во просториите на универзитетот, туку по принципот на дуално образование и во просториите, халите, лабораториите, канцелариите на стопанството и бизнисот воопшто. И тоа не само од кадар вработен на Универзитетот, туку и од истакнати стручњаци од самите компании. Затоа, кога се во прашање знаењата, практичните вештини и вработливоста на студените, сега веќе можеме да ја парафразираме онаа кенедиевска изрека во форма: „Не прашувајте што универзитетот прави за вашиот бизнис, туку што вие правите преку поддршка на универзитетот да си обезбедите квалитетен кадар“, а со тоа раст на вашите бизниси, вашата лична благосостојба и благосостојбата на општеството.

Дозволете на крај да ја најавам следната јубилејна година, славиме 45 години од основањето на Универзитетот, но славиме и 100 години од почетоците на УКЛО, односно од почетокот со работа на најстарата единица на УКЛО, Научниот институт во Прилеп. Но славиме и 90 години од првото студентско организирање на овие простори - формирањето на Битолското студентско здружение во 1934 година. Чин што укажува дека студентот одамна бил стожер на економскиот и општествениот развој на овој регион. Императив тоа така и да продолжи.

Благодарам, слава на Св. Климент, да живее УКЛО.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование