Популарен тренд на социјалните мрежи во 2025 година беше прославата на социјалната изолација. Се појавија многу рилсови, објави и мемиња кои го слават одбивањето на социјалните покани, откажувањето состаноци, извршувањето минимум од работата, па дури и жалење за губењето на социјалното дистанцирање како тоа да беше светла страна, а не несреќна последица од глобалната пандемија во 2020 година. Се чини дека луѓето навистина се чувствувале лошо во односите со другите луѓе.
Постои одредена иронија во прославувањето на социјалната изолација на социјалните мрежи, токму од платформите што би требало да промовираат социјална поврзаност. Дали луѓето навистина ја слават осаменоста или, всушност, изразуваат вид жалба? Дали модерните технологии што требаше да нè поврзат ги еродираа социјалните врски? И ако е така, како се случи тоа и што можеме да направиме?
Еден од многуте начини на кои технологијата ја трансформира комуникацијата е тоа што ни го олесни избегнувањето на храбра комуникација, онаа што ја негува социјалната поврзаност. Храбра комуникација е признавање кога грешиме или не ги знаеме одговорите, водење тешки разговори и пристапување кон конфликтот со дијалог базиран на почит. Ваквите однесувања градат доверба и ги зајакнуваат односите. И токму тоа се однесувањата што дигиталните средини ги прават лесни за заобиколување. Накратко, технологијата можеби нè прави кукавици.
Разгледајте ги неодамнешните трендови. На пример, „гоустинг“ или прекинувањето врска преку исчезнување, без објаснување, стана вообичаена појава. Анкета од 2023 година покажала дека 84 % од младите возрасни велат дека им се случило такво нешто, а речиси две третини признале дека тоа му го сториле на некој друг.
Дигиталната комуникација ни овозможува да исчезнеме без да го видиме влијанието од нашето исчезнување врз другите. Со текот на времето постојаното изложување на овој вид однесување, или дури и слушањето приказни за тоа на социјалните мрежи, ја зајакнува идејата дека емоционалното инвестирање е опасно.
Платформите на социјалните мрежи наградуваат предвидливост, шок и бес. Ова остава малку простор за продуктивен дијалог, а додека некои луѓе може да изберат да останат и да се борат, повеќето тивко се повлекуваат. Севкупно, ова може да биде доказ за поширок општествен феномен каде што технологијата наградува штетно однесување, кое потоа ги тера луѓето да бараат безбедност во изолација.

Можеме да поставуваме злобни објави на социјалните медиуми, да раскинуваме преку СМС-порака и да се оддалечуваме од работата со тоа што ќе ги исклучиме камерите за време на состаноците и ќе ги игнорираме е-пораките, а воедно да одржуваме чувство на самозаштита. Но, со малку непосредни последици од избегнувачките однесувања ризикуваме избегнувањето да стане навика. Опасноста е во долгорочните последици. Избегнувањето го задушува личниот раст, ги поткопува односите и ја поттикнува социјалната изолација.
Секако, во некои околности избегнувањето може да биде оправдано. Проблемот се јавува кога избегнувањето станува наш стандарден одговор на обичните непријатности.
Како можеме да практикуваме храброст во време кога избегнувањето е толку лесно? Еве неколку идеи:
-Планирајте вашиот следен тежок разговор да се реализира лично. Ова може да изгледа застрашувачки на почетокот, но исходот е многу поверојатно да резултира со подобрување отколку со конфликт и повлекување.
-Идентификувајте едно нешто што го избегнувате и запишете како би изгледало да се справите со него. Можеби станува збор за разговор или одлука што ја одложувате. Прашајте се што всушност избегнувате. Дали е тоа да згрешите, да се чувствувате непријатно, да разочарате некого или да бидете отфрлени? Размислете дека секојпат кога дејствувате и покрај вашите стравови, не само што постигнувате подобар резултат, туку и поголема е веројатноста да го сторите тоа и во иднина.
-Вежбајте понизност. Започнете со ситуација со низок ризик и тргнете оттаму. На пример, кажете му некому како сте го промениле мислењето за некое верување или признајте како сте грешеле за нешто во минатото.
-Преформулирајте ја меѓучовечката непријатност. Кога ја изедначуваме непријатноста со опасност, повлекувањето станува наш брз одговор, а тоа неизбежно го задушува растот. Кога ќе почувствувате конфликт, обидете се да му пристапите на лицето за да поставите прашања.
Храбрите дела градат доверба и поврзаност, кои се потребни повеќе од кога било во култура каде што неангажираноста стана рутина. Можеби преку храбри дела можеме да ја направиме 2026 година годината во која ќе ја славиме социјалната поврзаност.
Извор: psychologytoday.com
Фото: Freepik