X
 10.05.2020 Живот

Дали епидемијата почнала во ноември со воените игри во Вухан на кои учествувал и тим од Македонија?

Откако Французите неделава потврдија дека првиот случај на заразен со коронавирус во нивната земја се појавил на 27 декември, а не на крајот од јануари, како што се сметаше порано, многу европски земји повторно ги тестираат примероците од ноември и декември за да проверат дали некои тогашни вирози и чудни пневмонии всушност биле Ковид-19.

Во таа приказна се вклопува и сведоштвото на учесниците на Светските воени игри во Вухан, кои се одржувале кон крајот на октомври 2019 година. Овие игри и претходно беа споменати како место за ширење на вирусот, но немало материјални докази за тоа, па таквите шпекулации беа отфрлени како неосновани.

Сепак, Шведска потврди дека имала заразени учесници во игрите. Другите земји и понатаму не тврдат ништо со сигурност бидејќи немале направено тестови за Ковид-19, а и војската што учествувала во игрите не е најтранспарентна во тој поглед. Но, светските медиуми последните неколку дена пренесуваат сведоштва на неколку спортисти што се сомневаат дека биле заболени од Ковид-19.

Во периодот на игрите во Вухан имало многу учесници и друг персонал за помош кој подоцна отпатувал во сите делови во светот. Бидејќи во тоа време не се знаело за заразата, немало мерки за заштита, а учесниците не отишле во изолација откако се вратиле во своите земји.

Учествувал и тим од Македонија 

На игрите учествувале околу 10.000 спортисти од 109 земји. Имало и тим од Македонија. Нашата земја ја претставуваа четворица припадници на Армијата.


Италијанскиот „Кориере дела Сера“ пишува дека дел од учесниците во игрите потврдиле дека уште во авионот, на крајот од октомври кога се враќале од Кина, имале висока температура и респираторни проблеми. Сепак, тие не биле тестирани за Ковид-19 затоа што за вирусот не се знаело ништо во Европа.

игри
Фото: Screenshot/YouTube

Италијанскиот мечувалец Матео Таглиариола, добитник на златниот медал во мечување на Олимпијадата во Пекинг во 2008 година, бил еден од 107. италијански спортисти на игрите во Вухан. Тој за медиумите вели дека кога отишле во Вухан, речиси сите се разболиле.

- Сите се разболевме, речиси сите шест луѓе колку што бевме во апартманот, а и многу други делегации се разболија до таа мера што здравствениот центар на игрите остана без лекови. Но, најлошо беше кога се вративме дома. Една недела по враќањето добив висока температура, имав чувство како да не можам да дишам. Пиев антибиотици, но не ми помогнаа. Закрепнав по три недели и долго време потоа бев слаб. Потоа се разболија мојот син и мојата партнерка - вели Таглиариола.

И француските медиуми објавија дека најмалку двајца нивни спортисти во Вухан имале сериозни респираторни проблеми. Тоа се освојувачите на медали - Елоди Клувел и петкратниот светски шампион Валентин Белауд.

Тие со недели биле сериозно болни, но француското министерство за одбрана одби да го коментира случајот, наведувајќи дека не знаат какви здравствени проблеми имале. Заразените биле убедени дека имаат настинка или вирус, но кога во јануари почнаа вестите за коронавирусот во Вухан, меѓу нив се појави сомнеж дека и тие биле заразени во октомври. Но, министерството им забрани да се појават пред медиумите.

За разлика од Италија и Франција, чии надлежни министерства не го потврдија официјално постоењето на зараза, ниту ги тестирале учесниците, Шведска го направи тоа и изјави дека кај нив имало случај на зараза на коронавирус меѓу учесниците на воените игри.

На игрите учествувале стотици луѓе од шведските вооружени сили и останале во градот речиси две недели. Десетина шведски војници почувствувале респираторни проблеми по враќањето од игрите. Петмина од нив биле тестирани, а за двајца испаднало дека биле позитивни на Ковид-19.

Извор: Slobodnadalmacija.hr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот