X
 10.12.2020

Вертикална градина во Данска ќе произведува 1.000 тони зеленчук годишно

Ако купите зелена салата во зима во Данска, таа најверојатно ќе биде увезена од Шпанија или Италија, па дури и од Кенија. Но, новата вертикална затворена градина на периферијата на Копенхаген наскоро ќе почне да произведува 1.000 метрички тони зелен зеленчук годишно.

Данската компанија што управува со градината, во партнерство со тајвански технолошки провајдер, вели дека слични фарми со површина колку 20 фудбалски игралишта можат целосно да одговорат на целата побарувачка на земјата со зеленчук.

Градината е дело на „Јесхелт груп“, тајванска компанија која последната деценија ја посветила на развој на технологијата за вертикално земјоделство. Компанијата ја развила најголемата вертикална градина во Тајван, која е профитабилна, и најголемата вертикална градина во Кина. Во Данска компанијата соработува со стартапот „Нордик харвест“, чија цел е да го направи производството на храна поодржливо преку технологија.

1

Како и повеќето други фарми во затворен простор, објектот користи хидропоника, технологија при која се одгледува храна со малку вода и не се користат пестициди. Исто така, се избегнува ризикот за појава на салмонела, што може да се случи на фарми на отворено. Компанијата ги создава своите ЛЕД-светла кои станаа многу поефикасни во текот на последната деценија; електричната енергија е еден од најголемите трошоци за овој вид земјоделство.

Новата градина, која опфаќа околу 7.000 квадратни метри, ќе функционира со помош на силата на ветерот, намалувајќи го јаглеродниот отпечаток на производството. Во теорија, бидејќи зелениот зеленчук ќе биде многу посвеж кога ќе стигне до продавниците за храна, системот ќе може да помогне и во намалувањето на отпадот од храна. Поголемиот дел од градината е автоматизиран, така што трошоците за работна сила се ниски.

2

Кога зеленчукот ќе почне да се продава во супермаркетите во Данска на почетокот од јануари, ќе биде по цена слична на органскиот зеленчук.

- Во овој вид метод можете да ги контролирате сите трошоци. Нема да бидете под влијание на климата, така што зеленчукот ќе може да расте според нов распоред - вели Стела Цаи, генерална директорка на „Јесхелт груп“.

Компанијата планира да се прошири и на други локации во Европа, во Сингапур, Филипините, Дубаи, Саудиска Арабија и Јужна Африка.

Извор: Fast Company
Фотографии: YesHealth Group
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk