Пандемијата на коронавирусот можеби била тројно посмртоносна од она што го покажуваат официјалните податоци, пренесува Си-ен-ен.
Според официјалните податоци, до крајот на 2021 година околу 6 милиони луѓе починале поради коронавирусот. Но група истражувачи прават нова процена во истражување, според која од почетокот на 2020 до крајот на 2021 во светот починале најмалку 18 милиони луѓе од болеста.
Како причини за погрешното забележување на смртните случаи се наведуваат погрешни дијагнози или проблеми со известувањето. Дел од незабележаните смртни случаи се однесуваат на индиректните ефекти на пандемијата, како потежок пристап до здравствена грижа, промени во животот поради мерките и економски проблеми.
Истражувањето било водено од Хејдонг Ванг, специјалист за демографија на Институтот за мерење и процени во областа на здравјето при Универзитетот на Вашингтон. Во истражувањето биле анализирани податоци од 187 држави.
Фото: Pixabay
Според истражувачите, бројот на незабележани смртни случаи поради пандемијата е поголем во некои земји, како Индија, САД, Русија, Мексико, Бразил, Индонезија и Пакистан. Само во Индија се проценува дека бројот на смртни случаи е за 4 милиони поголем од официјалните податоци. Во САД се претпоставува дека имало 1,1 милион повеќе смртни случаи од она што го покажуваат официјалните податоци.
Гледано во однос на големината на населението, најмногу незабележани смртни случаи има во Боливија, Бугарија и Есватини. Во овие земји се смета дека има незабележани 6 смртни случаи на секои 1.000 жители.
Извор:
CNN
Насловна фотографија: Pixabay