Дали имате барем малку љубов кон децата што ви се доверени, зашто доколку би имале, не би ги држеле во декември нивните соби на 15 степени, прашува Мите Петков, родител чие дете е сместено во ученичкиот дом во Битола
Учениците сместени во ученичкиот дом „Мирка Гинова“ во Битола се тресат од студ. Тие и нивните родители реагираат до раководството на домот, но и на социјалните мрежи дека во собите имаат по едвај 15 Целзиусови степени. Велат дека парното е млако и дека од почетокот на грејната сезона користат дополнителни грејни тела. Но, од безбедносни причини, раководството на Домот од минатата недела им забранило да ги користат.
Девојки што учат во средното медицинско школо и се сместени во домот се жалат дека не смеат да користат ниту фенови за да ги исушат косите, а директорката Елена Спасеновска го негира тоа. Таа е категорична дека учениците ги ветреат собите многу често затоа што некои од нив и пушат внатре, а и дека им било претопло со греалките.
- Дали имате барем малку љубов кон децата што ви се доверени? Доколку би имале, не би ги држеле во декември нивните соби на 15 степени. Слушам некои незрели изговори кои не држат вода - дека децата отворале прозорци. Па нормално, таму живеат човечки битија, не е тоа стока, треба собите да се проветрат одвреме-навреме. Сакам доблесно, а не зад маска, да ми одговорите зошто и храната им е намалена на децата - ова е дел од јавната реакција на Мите Петков од Гевгелија, свештено лице чие дете е сместено во домот „Мирка Гинова“.
Ученички дом „Мирка Гинова“ - Битола
Петков за Факултети.мк објаснува дека неколку пати реагирал за греењето.
- Јас сум татко и не се плашам да кажам гласно. Ние реагираме за многу основни услови. На пример, мојата ќерка пости и нормално во колективни услови храната има и месо. За тоа не реагирам, бидејќи е така за сите деца. Но, зошто да не смеат тие деца што не јадат месо да си обезбедат своја храна, да сварат макарони и слично? Ние нема да им праќаме греалки ако во собите има пристојна температура - вели Петков.
Ученичка по медицина во средното школо „Д-р Јован Калаузи“ се пожали дека седат со јакни во собите.
- Парното се пушта само еден час и ни ги зедоа греалките. Седиме со јакни во собите. Ние тука живееме, не сме само неколку часа. Греалките ги купија нашите родители. Сите се револтирани, ама некои молчат. Минатата недела ни кажаа да ги вратиме дома. Нашите родители реагираат. Храната е катастрофа, водата за капење е ладна - вели ученичка.
Нејзината цимерка додава дека им било забрането да користат и фен.
- Вчера директорката ни кажа дека сите електрични тела се забранети. Има логика дека можеме да направиме проблем, но зошто на 15 степени во соба дури и фенот ни е забранет? Како ќе седиме со мокра коса? Седиме со три слоја на нас, и дуксери и јакни. Камен ладно е во моментов - вели таа.
Директорката Спасеновска објаснува дека во собите им е ладно зашто ги отворале прозорците, а истовремено грееле со повеќе грејни тела.
Ученички вчера измерија 16 степени во нивната соба напладне
- Кога направивме увид, имаа вклучено по три греалки, а прозорците им беа отворени. Јас им донесов нов мебел, им ги направив тоалетите, храната им е супер. Завчера имавме средба и тие се согласни дека мора да штедиме и од вчера го засиливме парното, ама ако видам дека прозорците се отворени, ќе го вратам на старо. Не е точно дека парното е млако. На поголема температура телото премалува. Во кој дом има 30 степени? Ладно им е затоа што ги отвораат прозорците! Треба да бидат и учениците покритички настроени. Не е во ред да се варат манџи, шпагети, макарони по собите, ги затнаа новите тоалети, а и глувци и бубашваби ќе се појават. Ова е дом, не е приватно сместување - вели Спасеновска.
Таа очекува поголема соработка од родителите, а не критика.
- Родителите наместо да речат дека ги учиме на ред, тие се револтирани. Сите треба да бидеме коректни. Јас не сакам да им биде студено на децата. Мене тоа ми е девиза број еден. А хигиената, особено на девојчињата, е на незавидно ниво, јас дури ќе ги викнам родителите, а не тие мене. Направив натчовечки напори за да ги направам тоалетите и ова ми е благодарам за сè. Па колку треба да биде температурата во соба – од 19 до 21 степен. Фотографиите што ги имате може да се направени и надвор. Не е точно дека не смеат ниту фен да користат. Пушат во собите и затоа прозорците им се отворени. Јас разбирам дека се дојдени од разни средини, ама многумина од нив немаат основна домашна култура. Си имаме куќен ред, при влегување во домот секој треба да се придржува - вели Спасеновска.