X
 13.05.2022 Живот

В недела ќе се случи првото целосно затемнување на Месечината годинава

Првото целосно затемнување на Месечината оваа година ќе се случи в недела, 16 мај, со што сателитот на планетата Земја ќе биде обоен во црвена боја.

Додека Земјината сенка ќе премине преку Месечината викендов, таа, облеана во бронзена светлина, ќе стане „крвава“, со што ќе се создаде спектакл што ќе може да се набљудува на небото.

Ова е прво од двете затемнувања на Месечината оваа година. Следното затемнување ќе се случи на 8 ноември.

Што претставува целосно затемнување на Месечината?

Затемнувањето на небесните тела се случува кога еден објект затскрива друг. Во случај на целосно затемнување на Месечината, Земјата го зазема своето место помеѓу Сонцето и Месечината. Можеби очекувате дека ова ќе ја спречи сончевата светлина да стигне до Месечината и ќе ја направи невидлива на ноќното небо, но тоа нема да се случи. Дел од сончевата светлина поминува низ атмосферата на Земјата и се распрснува кон Месечината.

За да се случи овој феномен, Сонцето, Земјата и Месечината мора да бидат во линија, што се случува само за време на полна месечина.

Целосното затемнување на Сонцето, од друга страна, се случува за време на младата месечина, кога таа минува помеѓу Земјата и Сонцето. На тој начин сончевата светлина не допира до одредени делови на Земјата.

Затемнувањето на Сонцето и на Месечината се случува со разлика од околу две недели. Најновото делумно затемнување на Сонцето беше видливо од Јужна Америка, а се случи на 30 април.

Целосното затемнување на Месечината ќе почне како незабележливо, суптилно затемнување, едвај забележливо за просечниот, нестручен набљудувач. Тогаш најширокиот, најдифузен дел од Земјините сенки почнува да се движи по површината на Месечината, протегајќи се од крајната лева страна до крајната десна страна на Месечината.

mesecina
Фото: Freepik

Потоа настапува делумната фаза на затемнувањето, кога најтемниот дел од Земјината сенка првпат доаѓа во контакт со Месечината.

Кога сенката целосно ќе ја проголта, Месечината ќе стане црвена. Тоа е затоа што единствената светлина што стигнува до Месечината е онаа што минува низ атмосферата на Земјата.

Бојата на затемнувањето на Месечината всушност варира во зависност од тоа колку е загадена атмосферата на Земјата. Астрономите ги проценуваат нијансите на црвено што ќе ги добие Месечината со помош на Данјонова скала од пет точки, каде што „нула“ означува тешко затемнување, а „четири“ претставува затемнување на бакарна 'рѓа.

Зачестеност на затемнувањето на Месечината


Затемнувањата на Месечината се многу почести од затемнувањата на Сонцето, поради што нивниот изглед не е толку посебен. Затемнувањето на Месечината може да биде видливо во текот на ноќта на Земјата бидејќи Месечината е видлива од каде било на планетата. На повеќето локации на Земјата секоја година се случуваат по едно или две затемнувања на Месечината.

Извор: National Geographic
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот