X
 14.10.2022 Наша тема

Македонци создадоа видеоигра од која и играчите ќе може да заработуваат и собраа инвестиции од 1,5 милион долари

Тим од повеќе од 20 македонски менаџери, програмери, маркетари, графички дизајнери и модератори создаде видеоигра од која ќе може да се заработува и доби инвестиција од 1,5 милион долари. Играта се вика „Battle for Giostone“, а идејата за нејзиното создавање е на Миле Граматиков, додека коосновач е еден од најпознатите играчи на „Dota 2“ во светот, Тебан Сива.

- Идејата е на Миле Граматиков. Тој е компетитивен „Dota 2“ играч со над 15 години искуство. Во текот на ова време има направено мноштво турнири за оваа игра, која е своевидна класика во светот на онлајн гејмингот. Тој е човекот со идејата и искуството да се реализира овој проект. Почнувајќи како програмер, го има техничкото знаење за правење ваква игра. Освен тоа, има навлезено и во водите на маркетингот, како и соработка за обезбедување на Дискорд сигурност на најпознатата play-to-earn игра во светот – „Axie Infinity“, која се развива од страна на „Sky Mavis“ - истакнуваат од тимот.

Миле Граматиков

Тебан Сива, од друга страна, има учествувано на 8 меѓународни турнири. Минатата година висината на наградата беше 40 милиони долари.

- Освен „Dota 2“, Тебан е и троен шампион во играта „Axie Infinity“. Има победено 2 сезони во две различни верзии од играта, и огромен турнир во Барселона пред неколку месеци. Тој е човек кој ги знае традиционалниот MOBA-сектор и модерниот play-to-earn сектор. Неговата експертиза е бесценета и тој работи како главен балансер на играта - раскажуваат од тимот.



Идејата за развивање на играта дошла по соработката со „Axie Infinity“, а творците на ова дело сакаат да ги наградат играчите за нивното време, труд и вештини.

- Во минатите две години play-to-earn (играј и заработи) секторот почна масивно да се развива. Криптовалутите почнуваат да преовладуваат благодарение на Веб3 технологијата, а од соработката со Axie Infinity се роди идеја да се направи нова игра која е слична на класичните MOBA (multiplayer online battle arena) игри, но сепак да има нешто уникатно што ќе ја направи различна. Една од работите за која многу гејмери се свесни е тоа што големите студија сакаат да ја исцрпат сета вредност од играчите. Модерните игри се полни со микротрансакции, lootbox системи, DLC надградби, како и subscription-based модел за да ги искусите докрај. Со помош на моќта што ја дава блокчејн-технологијата, ние сакаме да ги наградиме нашите играчи за нивното време, труд и вештини. Така, секој играч кој е компетитивен во нашата игра ќе биде финансиски награден - велат развивачите на играта.



Тимот успеа да собере 1,5 милион долари за многу кратко време. Од таа сума, 400 илјади долари се од продажба на крипто-токени, 800 илјади се заклучени во ликвидност, а 300 илјади се од приватни инвестиции.

- За да ја објасниме оваа инвестиција, мора да ве запознаеме со начинот на продавање токени и инвестирање во крипто-проекти. Она што ние го направивме се вика IDO – initial DEX offering. Наједноставно кажано, ние им продадовме дел од токените што ќе може да се заработат од играта на луѓе кои ги купуваа на децентрализирана крипто-берза. Може да мислите на токените како на акции кои се продаваат на берза. Но, бидејќи сега состојбата на крипто-пазарите е доста лоша, ние ставивме еден сигурносен механизам за да можеме да ја одржиме нивната цена стабилна. Доколку некој сака да купи токени во вредност од 1 долар, треба да стави уште 2 долари во ликвидност за сигурност. Така се осигуруваме дека инвеститорите нема да ги продадат нивните токени, а ние ќе можеме дел од финансиите да ги искористиме за понатамошен развој на проектот - ни објасни Стефан Савевски, кој е дел од тимот.



Играта, како што ни објаснија креаторите, е модерна надградба на традиционална MOBA. Има два тима составени од по пет играчи и главната цел е да се сруши противничката кула. Ова можеби звучи многу едноставно, но не е баш така.



- Секој херој има 4 магии кои играчот може да ги избере и потоа да влезе во борба. Многу фактори влијаат штом ќе почне мечот, бидејќи треба тимски да се размислува и секој играч има влијание врз финалниот резултат. MOBA-игрите се најкомпетитивниот спорт во светот. Замислете како да играте шах и наместо да ја контролирате целата табла со играчи, вие сте на место на една фигура и зависите од уште 4 луѓе, а секој клик е одлука што се донесува во секоја милисекунда. Затоа ваквите турнири стануваат сè попопуларни - велат од тимот.



Можеби најпримамливото нешто во сето ова е што играчите ќе имаат корист од играта и ќе можат да заработуваат. За да биде изводливо тоа, тие ќе мора да имаат НФТ-херој.

- За да може некој да заработува, ќе мора да има НФТ-херој. А еве и како:
1. Со играње на играта;
2. Со создавање и продавање херои;
3. Турнири и е-спорт настани;
4. Revenue Sharing (staking) – заклучување на BFG токенот и добивање дивиденди;
5. Продавање скинови и модифаери;
6. Создавање содржина.
Сите овие начини на заработка може да ги видат на нашата страница. А за повлекување на средствата, ќе мора да имаат свој крипто-паричник. Секако, прашања од овој дел се добредојдени, секој може да нè заследи на социјалните медиуми и ние со задоволство ќе одговориме - велат креаторите.

Тимот креатори

Ова не е прв ваков проект за нив и велат дека и претходно работеле на различни софтвери за странски клиенти кои биле наменети за видеоигри, па механиката на работа веќе им е добро позната. Соработуваат и со фриленсери од Украина и од Америка за да создадат продукт кој ќе се пласира на светско ниво.

Но, работата бара време и жртви, а веќе една година со полна пареа работат на „Battle for Giostone“.

- Минатата недела излезе 19. верзија на играта и сè уште имаме многу работа за да можеме да ја лансираме. Еден ваков проект е полн со непроспиени ноќи и главоболки, но бидејќи имаме нешто што работи, функционира и може да се игра, сфаќаме колку вреди. Целта на нашата игра е да се поттикнат емоции. Кога гледате фудбал или кошарка, иако сте навивач, се чувствувате исто како да сте на теренот со тимот што игра. Играта која ја правиме функционира на ист принцип. Искуството ќе биде исто и за играчите и за гледачите - истакнуваат младите креатори.



Доколку веќе ја разбудивме љубопитноста кај вас и сакате да ја играте играта, треба да знаете дека таа ви е на дофат.

- Секој што сака да ја игра играта, може слободно да ни пише и ние да му ја пратиме Pre-Alpha верзијата. Тука ќе може да ги тестираат механиката, магиите и начинот на кој функционира. Освен тоа, во наредните недели ќе почнеме со лансирање на турнири од по $1.000+ за најдобрите играчи во овој стадиум на развивање. Ова е важно бидејќи секој што сака да заработува во моментот кога играта навистина ќе почне да работи, ќе треба да биде најдобар на табелата. Серверите што ги имаме во моментот за верзијата се речиси секогаш полни и луѓе од целиот свет се вежбаат за турнири. За официјалната верзија ќе бидат потребни уште неколку месеци, но, сепак, оние што сакаат да заработат може да го сторат тоа уште сега. Ги наградуваме најактивните членови во нашите групи и социјални медиуми, така што заследете нè и може да добиете херој, токени или пак парични награди - порачуваат од тимот.

За крај ги прашавме дали во Македонија може да се живее од развивање игри. Одговорот беше очекуван.

- Да! И тоа како! Развивањето на оваа игра е најзабавното нешто што би можеле да го правиме бидејќи е буквално како играње видеоигра во вистинскиот живот. На пример, пред еден месец имавме идеја да обоиме еден од коосновачите како еден од карактерите на играта и да го натераме да се вози на мотор низ градот. Ја реализиравме и потоа го однесовме во салон за миење автомобили за да му ја измиеме бојата. Работиме многу, но и знаеме да се забавуваме кога треба. Секојдневно комуницираме со луѓе кои се од крипто-светот или од гејмерскиот свет и кога сте опкружени со позитивни млади луѓе расположени за работа, не може да мислите на ништо друго - задоволно ни кажаа од тимот.

За крај, можете да погледнете како развивањето игри ви го претвора животот во една забавна игра.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема