X
 30.05.2020 Наша тема

Некогашни ученици денес успешни во професиите ги промовираат своите средни стручни школи

Верувам дека со пандемијата која се случи, здравствените работници добија уште позначајна општествена вредност и идните ученици го согледуваат истото кое придонесува кон нивниот избор - вели професорката Марија-Магдалена Петковска Микаровска


Како средните стручни училишта се подготвуваат за своите нови ученици? Со какви кампањи се обидуваат да привлечат внимание кај полуматурантите и нивните родители? Уписите на средношколците ќе се одвиваат на 16 и 17 јуни, а резултатите ќе бидат истакнати на 18 јуни. Годинава имаме 19.297 полуматуранти, што e за 733 помалку од лани, велат од МОН. 20.856 слободни места има за упис во средни стручни училишта за учебната 2020/21. Прашавме во училиштата на кој начин ќе привлекуваат ученици.

Со пандемијата медицинските работници добија уште поважно значење


Во медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, промоцијата и презентациите се работат во текот на целата година. Токму во март, средношколската заедница организирала настан каде деветтоодделенците имале можност да дојдат во школото и да се запознаат со работата, вели Марија-Магдалена Петковска Микаровска, заменик-директорка на школото.


Поранешни ученици во средното медицинско во Битола дел од промоцијата


- Нашите ученици им беа водичи низ ова искуство и им ги одговараа сите прашања и дилеми околу наставата, праксата и сл. Имаше ефект и многу од учениците токму на тој настан одлучија да станат дел од нашето училиште. А, откога сме во карантин нашата официјална страница е местото каде се поставуваат официјалните информации. Исто така, ја започнавме и кампањата #ЗоштоМедицинско каде наши претходни ученици, а сега веќе упешни во своите професии им даваат на некој начин ветер во грб и совет на наредните генерации зошто да нѐ изберат како опција и која е придобивката од нашето стручно училиште – вели Петковска-Микаровска.

Таа се надева дека школото високо ќе котира и дека ќе се пополнат капацитетите.

 - Верувам дека со пандемијата која се случи, здравствените работници добија уште позначајна општествена вредност и идните ученици го согледуваат истото кое придонесува кон нивниот избор. Социјалните мрежи се алатка на новото време. И да не беше пандемијата во голема мера во нив е моќта и тоа ни е на сите јасно. Промоцијата се одвива преку нив и допира до учениците и нивните родители. Лично јас не сметам дека е голем хендикеп што немаме во моментот личен контакт, бидејќи сите презентации и информации можат да се проследат преку видеата направени од нашите вработени и нашите ученици – објаснува Петковска-Микаровска.

Најмногу се користат социјалните мрежи

Промоциите поврзани со привлекување ученици од основното образование за запишување во училиштето во средното школо „Владо Тасевски“ од Скопје почнале да ги организираат февруари годинава, вели директорот Александар Сибиновски

- Активностите за промоција ги организираме, реализираме и финансираме ние како училиште и со помош на донатори. Поради пандемијата која нѐ затече, годинава за прв пат промоцијата ја реализиравме на малку поинаков начин преку средствата за електронска комуникација и социјалните мрежи. Од страна на училишните тимови, со помош на надворешни партнери имаме изработено презентации, како и видео во кое е даден целосен осврт на образовните профили и струки во нашето училиште – вели Сибиновски и објаснува дека најмногу се користи нивната официјална фејсбук-страница, каде секојдневно се објавува нешто ново.


Александар Сибиновски

Во ова училиште се изучуваат: сообраќајната, машинската и електро-техничката струка.

- Морам да потенцирам дека ова за нас е голем предизвик, но и денешните најсовремени технологии си донесоа посебен напредок. Очекувам дека секаде би имало голем интерес. Идните средношколци се имаат запознаено со нашите приоритети што ги нудиме. За прв пат, од учебната 2020/2021 година се воведува дуално стручно образование во новиот образовен профил техничар за производно машинство, изработен по германски стандарди. Оваа година одиме со мотото „Еднаш ученик – засекогаш пријател“ – вели Сибиновски.



Низ примерите на своите успешни ученици во повеќе профили – козметичари, фризери и слично, средното училиште „Димитар Влахов“ се обидува да се приближи на своите идни ученици. Во училиштето во кое настава се изведува на македонски, албански и на турски јазик, се застапени три струки - лични услуги (козметички техничар, фризер, естетичар за нега на раце и нозе), хемиско-технолошка (прехранбен техничар, млекопреработувач, месопреработувач и месар) и графичка струка (графички техничар дизајнер, печатар и доработувач на графички производи).

Кампања за афирмација на училиштето се води преку веб-страницата на школото, фејсбук, јутјуб и инстаграм-профилите, се постира рекламен материјал, текстови и видеа од поранешни наши ученици, а сега веќе успешни на пазарот на трудот.  Исто така направена е и презентација на училиштето во основните училишта, преку постирање на материјали од училиштето на нивните сајтови, објаснува Лидија Андоновска, в.д директор на школото.  

 

Фризер е една од побараните струки во „Димитар Влахов“


- Дуалниот систем на образование во кој стручното образование ја гледа својата иднина, во кој работодавачите се отворени за соработка со образовните институции и кои ќе создадат продукт со знаења, вештини и компетенции, кои се бараат на пазарот на трудот. Како бенефит повеќе компании пројавија интерес за соработка со училиштето (соработка со фризерски и козметички салони, Комора на занаетчии на Град Скопје, Факултет за земјоделски науки и храна, приватни компании) со цел реализација на праксата кај работодавач и феријалната практика – објаснува Андоновска.

„Инвестирај во својата иднина“ - велат од „Михајло Пупин“

Планираме да го повториме ланскиот успех, вели Димитар Ѓорѓиев, директор на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје. Имајќи ја предвид настанатата ситуација со Ковид -19 оваа година организиравме друг вид промоција на училиштето за разлика од лани.

- Преку своите класни раководители сите деветтоодделенци беа информирани преку флаер-брошура што сѐ ние нудиме како училиште. На територија на Град Скопје со одобрување на неколку ланци на маркети оставивме флаери и постери во сите општини во маркетите. Направивме и видеа од ученици кои завршиле во нашето училиште, а денес се успешни во својата струка и ги пласиравме по социјалните мрежи каде да кажам дека ги видоа огромен број на луѓе за кратко време. Се појавивме и во неколку портали каде објаснивме што значиме и што нудиме како училиште, снимивме спот за училиштето и постојано се промовираме по социјалните мрежи. Се надевам дека успеавме да се доближиме до сите деветтоодделенци и дека имаме одлична понуда како училиште – вели Ѓорѓиев.


Предавање во училиштето „Михајло Пупин“

Тој се надева дека годинава ќе успеат да запишат 10 паралелки, од кои најмногу места имаат за профилот Компјутерска техника и автоматика со 4 паралелки и по две паралелки од електроника и телекомуникации, енергетика, како и тригодишните електромеханичар и познатата ЕВН-паралелка која нуди работа за сите ученици како и степендија. Мотото за оваа година е: „Инвестирај во својата иднина, запиши се во Пупин”.



Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема