Климата стана стандард во модерниот живот, особено во жешките периоди, кои се зголемуваат благодарение на климатските промени. Но, многу луѓе се плашат од клима-уредите, делумно оправдано, а делумно ирационално.
Се поставува прашањето дали климата е здрава или не и кои стравови се оправдани, а кои не?
За жал, сè уште не се направени доволно научни истражувања на оваа тема, но некои даваат одредени одговори и насоки. Накратко, може да се каже дека климатизацијата има позитивни ефекти врз здравјето, но може да има и негативни, а правилното користење на климата може да ги максимира позитивните и да ги намали негативните ефекти. Пред сè, треба да се истакне дека екстремните горештини, по екстремниот студ, се втора најголема причина за смрт од временски непогоди, поголема од поплавите.
Придобивка за луѓето со нарушено здравје
Во една од посеопфатните студии за ефектот на климатизацијата врз здравјето фокусот бил ставен на влијанието на температурата преку системите за греење, вентилација и климатизација врз пациентите во болниците. Севкупно, ваквите системи се покажале како корисни за закрепнување на пациентот, особено за подобрување на виталните знаци, намалување на настаните од срцевиот стрес, забрзување на закрепнувањето и зголемување на физичката активност. Покрај тоа, употребата на климатизираните уреди ја намалила смртноста на пациентите и го скратила престојот во болница за пациентите со респираторни заболувања.
Ефекти на климатизацијата врз когнитивните функции
Една студија за ефектот на климатизацијата врз здрави луѓе, студенти, била спроведена од „Харвард“. Се покажало дека зголемените температури во просториите без климатизација за време на топлотен бран негативно влијаат врз когнитивните функции кај младите здрави индивидуи.
За време на топлотниот бран, учесниците во студијата што живееле во згради без климатизација имале 13,4% подолго време на реакција на тестовите со зборови и боја и 13,3% полоши резултати на тестовите за собирање и одземање во споредба со учениците што живееле во климатизирани простори.
Авторите на студијата веруваат дека овој пад на когнитивните функции може да се припише на зголеменото топлинско оптоварување и зголемените ефекти на другите фактори на животната средина.
Други позитивни ефекти на климатизацијата врз здравјето
Климата ја одржува температурата на телото, што е од клучно значење во влажните и топли подрачја во светот, каде што топлотниот удар е голем проблем во текот на летото. Клима-уредите го олеснуваат спиењето со ладење на телото. Познато е дека секогаш е попријатно да се спие во поладни простории отколку во топли. Клима-уредите можат да ја намалат инциденцијата на алергиски реакции бидејќи нивните филтри можат да ги отстранат алергените доколку се добро одржувани.
Сушење на воздухот
Како што веќе наведовме на почетокот на текстот, климата може да има и одредени негативни ефекти, особено за чувствителните луѓе.
Клима-уредите ја намалуваат влажноста на воздухот, што јасно можеме да го видиме по тоа колку вода излегува од нив. Тие го ладат воздухот користејќи испарувачи кои содржат средство за ладење. Кога топол воздух од просторијата поминува над студените намотки на испарувачот, влагата од воздухот се кондензира на овие намотки. А сувиот воздух кај чувствителните луѓе може да доведе до сувост на кожата, очите и мукозните мембрани, а во некои случаи и до иритација на респираторниот тракт.
Освен тоа, во климатизирани простории луѓето често пијат помалку вода бидејќи не чувствуваат жед како на високи температури. Ова може да доведе до дехидрација, која ќе се интензивира со сувиот воздух, што пак може да предизвика главоболки, замор и намалување на когнитивните функции. Кај луѓе со хронични респираторни заболувања, како што се астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), сушењето на воздухот може да ги влоши симптомите како што се бронхоконстрикција и отежнато дишење.
Бактерии и мувла
Доколку клима-уредите не се одржуваат правилно, во нив може да се насоберат бактерии и мувла. Вдишувањето воздух контаминиран со овие микроорганизми може да предизвика респираторни проблеми и алергиски реакции.
Правилна употреба на клима-уредот
Редовното одржување на климатизацијата е од суштинско значење за здравјето. Ова вклучува чистење или замена на филтерот на неколку месеци и професионална услуга најмалку еднаш годишно. Ова го намалува ризикот од акумулација на бактерии и мувла.
Се препорачува да ја поставите температурата на клима-уредот на ниво кое е само неколку степени пониско од надворешната температура. Преголемите разлики во температурата можат да бидат стресни за телото. Во климатизирани простории може да биде корисно да се инсталираат навлажнувачи на воздух за да се спречи сушење на кожата и мукозните мембрани.
Важно е да се обезбеди доволен проток на свеж воздух во просториите за да се намали ризикот од акумулација на штетни гасови и да се подобри севкупниот квалитет на воздухот. Конечно, воздухот од клима-уредот не треба да се насочува директно кон луѓето. Подобро е да го насочите кон таванот или ѕидовите за да постигнете порамномерна распределба на оладениот воздух.
Можеме да заклучиме дека климатизираните простори генерално не се штетни за здравјето. Напротив, тие можат да бидат корисни за здравјето и можат да спасат животи, под услов правилно да се користат клима-уредите. Како и кај сите технологии, клучот е умереноста и правилната употреба.
Извор: index.hr
Фото: Freepik