X
 15.09.2023 Живот

Браните што се урнаа во Либија биле изградени од југословенски компании

Бројот на жртвите од катастрофалните поплави во Либија би можел да достигне 20.000, а оваа катастрофа се случи откако пукнаа браните во градот Дерна. Браните, чие пукање доведе до ваква состојба, во текот на 70-тите години ги изградиле југословенски компании, а јавноста сега го поставува прашањето дали згрешиле години наназад?

Две брани во долината Дерна се урнаа по силно невреме и огромни количества вода дојдоа до морето и го опустошија градот. Дерна претходно беше изложен на серија поплави, од кои најголемите беа во 1941, 1959 и 1968 година. Затоа во 70-тите години биле изградени брани.

Наградуваното научно списание „Еос“, издадено од Американската геофизичка унија, наведува дека студиите во 60-тите покажале дека е потребно да се изградат брани за да се заштити градот. Браните биле изградени од југословенска компанија во 70-тите, според „Еос“. Едната брана имала капацитет за складирање од 1,5 милион кубни метри вода, додека другата била со капацитет до 22 милиони кубни метри. Браните имале јадро од набиена глина со камен „оклоп“.

„Инаку, на веб-страницата на српската компанија Хидротехника-хидроенергетика“ стои дека во периодот од 1973 до 1977 година во областа Дерна изградиле две брани и голем број објекти (тунел, пумпна станица, резервоар) наменети за наводнување површини и снабдување со вода на самиот град и околните населени места.

Специјализираното научно списание „Еос“ забележува дека Дерна претрпела и големи поплави во 1986 година и дека браните успеале да ја задржат водата и дека тогаш немало сериозни штети во градот. Ахмед Мадруд, заменик-градоначалник на овој град, во средата призна дека браните не се одржувале од 2002 година. Гневот на јавноста се засили поради шпекулациите што се појавија на социјалните мрежи дека средствата, претходно издвоени за оваа намена, биле пренаменети.

Мохамед Ахмед, експерт во оваа област, изјави за Ал Васат, водечки либиски веб-портал, дека браните се лошо одржувани.

- Безбедносниот хаос и инертноста на либиските власти во спроведувањето внимателно следење на безбедносните мерки доведоа до катастрофа - изјави Ахмед.

Сепак, други експерти велат дека е премногу рано да се каже дали екстремните врнежи едноставно биле премногу за браните или состојбата на нивната изградба одиграла клучна улога. Врз основа на нивните набљудувања, браните веројатно биле направени од конструкции со карпи - набиена земја или карпи и глина кои не се толку силни како бетонот.

- Овие брани се подложени на прелевање (кога водата го надминува капацитетот на браната). И додека бетонските брани можат да преживеат прелевање, камените брани обично не можат - изјави Драган Савиќ, професор по хидроинформатика на британскиот универзитет во Ексетер.

Извор: 6yka.com
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот