X
 15.12.2016 Живот

Лежењето со вашите деца додека не заспијат не е лоша навика

Поминав приближно 7 милијарди часови од мојот живот лежејќи во темнина до моето нервозно дете што не може да спие, молејќи се дека најпосле ќе заспие. На моменти знаев да се скријам под ќебето со мојот телефон разгледувајќи новостии на „Facebook“ и надевајќи се дека моето половично заспано дете нема да забележи што правам. Други ноќи не е толку лошо. Всушност понекогаш е прекрасно. 

Лежејќи покрај моето дете кое е во состојба меѓу будност и сон, може да биде магично и интимно како што замислував порано како родителството изгледа, пред да добијам деца. Понекогаш во темнината моите деца ќе ме гушнат, а јас го вдишувам мирисот од нивната слатка коса, ги чувствувам нивните топли образи на мојот врат или ги слушам нивните мали срца како отчукуваат диво во градите и сакам да плачам од благодарност.

Додека се будни тие ги отвараат своите срца и ми зборуваат за нештата што ги чуваат во себе. Сум слушнала аргументи за тоа зошто лежењето со вашите деца додека тие не заспијат е лоша навика. Како прва причина беше наведено дека треба да се престане со навиката да спиете со децата уште додека се бебиња. Но што ако никогаш не го правиш тоа? Што ако го негувате вашето бебе цела вечер? Што ако ве прашат само да лежите покрај нив, да се радуваат на вашето присуство додека не заспијат?

Може да ме прашате: Како ќе научат да се смируваат самите себе? Како ќе научат да спијат без вас? Зарем нема да создадеш деца кои никогаш нема да научат како да функционираат во светот без тебе? Одговорот на последното прашање е „не“. Бројни студии покажале дека колку децата се поприврзани толку посигурни и независни тие растат. Има смисла кога ќе размислите за тоа. Да им давате на децата сигурност прави тие да се чувствуваат самоуверени и да функционираат со леснотија во светот.

Јас не велам дека секоја фамилија треба да лежи со своите деца секоја ноќ. Постојат многу начини да се израснат деца кои ќе чувствуваат сигурност, а ова не е апсолутен предуслов. Но исто така знам дека нема причина да не правам нешто ако тоа функционира за моето семејство, а тоа што им дозволувате на вашите деца да ја имаат таа навика не значи дека нема да се приспособат кога вие нема да сте таму или дека тие никогаш нема да научат да спијат сами.

Јас лежам со своите деца бидејќи тие го сакаат тоа, бидејќи тоа е нешто што отсекогаш сме го правеле, а тие 10 до 20 минути чекање за да заспијат се само мал дел од времето во текот на денот, но значат многу за моите деца.

Лежам со нив бидејќи измеѓу нивните училишни активности, мојата работа, оброците, домашната задача и другите обврски ретко се случува да имаме моменти на тишина и блискост како кога имаме пред да заспијат.

Сакам да лежам со нив, бидејќи не сакам да спијам сама. Доколку мојот сопруг не е дома ми треба цела вечност за да заспијам, а имам 38 години. Чувствувам дека моите деца кои се на возраст од 4 и 9 години треба да имаат дополнителна сигурност за која дури и возрасните копнеат.

Лежам со нив бидејќи имало многу ноќи во минатите неколку години кога моето постаро дете велеше дека не му требам, кога буквално ми посочуваше да излезам од собата за да може да заспие само. Но јас лежам со него ноќите кога е под стрес, чувствува немир или само му требам и кога не ја знае причината.

Лежам со него бидејќи знам дека деновите кога јас му требам се изброени. Лежам со моите момчиња бидејќи јас знам дека машките деца се учени да бидат посилни, да ги кријат своите потреби и желби, а јас сметам дека тоа е опасен метод за момчињата да се научат да функционираат здраво.

Јас лежам со нив бидејќи тие ме прашуваат и јас сум спремна тоа да го направам. Да, понекогаш на крајот на долгиот ден како мајка лежењето во темнина е последното место каде што сакам да бидам. Да понекогаш и јас сум вознемирена, гладна. Понекогаш се фаќам себеси како ги стиснувам забите за да не викам од фрустрација.

Но исто така знам дека овие моменти кога моите деца се чувствуваат сигурни во моите раце и во моето присуство се оние кои тие најмногу ги вреднуваат, како и јас. И не би го сменила тоа за ништо.

Пишува Венди Вишнер
Подготвил: Светлана Петковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот