Пред некој ден, разговарав со еден мој пријател и ме праша дали може некако да ја зајакне својата позиција за време на состаноците, во преговорите, во продажбата. Нормално, постојат голем број фактори што влијаат врз зајакнување на позицијата и обезбедување на оската на моќ, но во овој неделен совет ќе се фокусираме само на еден сегмент, и тоа на говорот на телото и некои од неговите најважни елементи.
Успешноста, ефектот на секој деловен (или приватен) разговор, започнува уште од самиот момент кога ќе ве погледне соговорникот. Истражувањата покажуваат дека нам ни се потребни само 6 сек. да донесеме некаков заклучок за нашиот соговорник. Значи, 6 сек. му требаат на рептилниот мозок да ги фати некои од сигналите што ги испраќаме и да го подготви соговорникот за преговорите. Ова значи дека, како ние ќе се поставиме и ќе постапиме, во првите неколку секунди од нашиот разговор, така ќе се развива разговорот понатаму.
Во преговорите, сè е до оската на моќ. Кој ја има оската на моќ, тој има поголема веројатност да ги добие преговорите т.е. да извлече она што го сака од разговорот. Оска на моќ не значи само доминација, надменост, титула или физичка предност во однос на соговорникот. Оската на моќ повеќе се однесува на тоа кој ја има контролата на разговорите.
Со цел да ја зајакнете контролата во разговорите, подолу се дадени неколку важни елементи во однос на говорот на телото што треба да ги имате на ум:
1.
Став: физички и ментален. Каков е вашиот ментален став таков ќе биде и вашиот физички став. Она што е надвор е рефлексија на она што ви се случува одвнатре. Ако сте ја спуштиле главата, „смкнале” рамениците, ослободиле стомакот, сето тоа кажува дека се чувствувате несигурно, уплашено и субмисивно. Со тоа дозволувате соговорникот да ја заземе главната позиција. Најдобар начин да го зацврстите вашиот ментален став е со знаење. Но, кога сте во состојба да имате помалку знаење од другиот, тогаш единствено што може да направите е да бидете свесни за надворешниот став и да oдглумите. Исправено тело и глава, раменици наназад, стомак навнатре, наполнети гради. На овој начин, колку толку ќе ја израмните позицијата.
2.
Контакт со очи: еден од најважните елементи (сигнали) од говорот на телото се очите. Со очите се комуницира, заведува, постигнува контрола, доминација, гледа вистината, лаже итн. Кога ќе седите спроти некој соговорник, внимавајте постојано да одржувате контакт со очите. Природно, многу ни е тешко да ги гледаме луѓето во очи. Посебно доминантните, со повисоки титули итн. Затоа, најважно е да вежбаме гледање на луѓето во очи, но тоа да не биде нападно како „зјапање”, туку суптилно.
3.
Поздравување: класично и најбезбедно поздравување е кога нормално ја поставуваме раката и неколку (2-3) пати ја мрдаме горе-долу. Секако, гледајќи го соговорникот во очи. Постојат и некои други видови на поздравување кои несвесно ги правиме, а влијаат негативно на нашата позиција во преговорите. Млитаво поздравување со врвот на прстите (т.н. „мртва риба”) или пресилно стискање на раката на соговорникот (т.н. „кршење на коски”) треба да се одбегнуваат. Исто така, лесно може да забележите дали соговорникот се чувствува надмено или подредено, ако ја поставува (хоризонтално) раката над вашата или под вашата рака.
4.
Седење: внимавајте како седите. Секогаш седете исправено, со нозете на подот и рацете на маса (раце под маса значи дека криете нешто). Ако седите млитаво и сте вовлечени во столот, бидејќи тоа оддава впечаток дека или ви е гајле или сте несигурни. А никој не сака несигурен партнер/соговорник.
5.
Насмевка: насмевката секогаш дава впечаток дека вие сте пријателски настроени, смирени и човек од доверба. Насмевката значи дека се интересирате, дека сочувствувате со соговорникот и прави позитивна атмосфера. Секој сака да соработува со таков човек.
6.
Активно слушање: слушање на соговорникот со цел да се разбере. Но, најважно е при слушање на соговорникот да се користат сигнали за потврда за она што го зборува. Ако е нешто чудно, подигнете ги веѓите, ако е нешто смешно, насмејте се срдечно, а ако е нешто страшно, широко отворете ги очите.
Во секој случај, постојат различни фактори и аспекти на воспоставување контрола во преговорите. Ова се само еден мал дел од нив, поврзани со сигналите што ги испраќаме. Но, ако внесеме доволно свесност и се потрудиме да ги имплементираме овие правила – совети, со сигурност можете да ја зајакнете вашата позиција во преговорите, продажбата или кои било разговори.
Со успех во промените,
Петар Лазаров
„
Tip of the week“