X
 16.05.2021 Живот

Дали луѓето стануваат попаметни? Еве што покажуваат тестовите за IQ

Светот никогаш не бил толку технолошки развиен и напреден, па затоа логично е да помислиме дека луѓето стануваат поинтелигентни. Но дали е така?

Вистина е дека во текот на 20 век просечните резултати на тестовите за коефициентот на интелигенција - IQ низ светот значајно се зголемиле, особено на Западот. Просечниот коефициент на интелигенција растел за околу 3 поени секоја деценија во минатиот век.

Зголемувањето на интелигенцијата низ времето, односно фактот дека секоја генерација има повисок коефициент на интелигенција од претходната генерација, е познат како Флинов ефект. Освен тоа, подобрувањето на здравјето и исхраната, како и подоброто образование и подобрите работни услови придонесуваат за зголемување на ефектот.

Меѓутоа, во последните 30 години има анализи кои покажуваат намалување на просечниот коефициент на интелигенција во некои земји. Едно истражување спроведено во Норвешка открило дека просечниот коефициент на интелигенција се зголемувал за три поени секоја деценија кај мажите родени пред 1975 година. Но коефициентот на интелигенција се намалувал кај мажите родени по 1975 година за околу 0,2 поени годишно.

Истражувања спроведени помеѓу 2005 и 2013 година во Обединетото Кралство, Шведска и во Франција покажуваат слични резултати.

Нема едноставно објаснување за овие резултати, но некои експерти велат дека тие може да бидат поради промените во образованието. Учениците низ светот, особено на Западот, почесто се охрабруваат да учат користејќи пристап за решавање проблеми наместо со помнење и повторување.


Фото: Pixabay

Овие методи се комбинирани со лични вештини и групна работа, а учениците се охрабруваат и да ги разберат емоциите на другите. Влијанието на овие пристапи можеби поттикнува попаметно и поефективно работење, но става помал фокус на вештини кои се тестираат на тестовите за коефициент на интелигенција. Затоа, можеби луѓето повеќе не се добри во решавање вакви тестови.

Други експерти посочуваат и на намалените стандарди во исхраната како улога во намалувањето на интелигенцијата. Во Обединетото Кралство, меѓу другите земји, многумина не се хранат доволно добро. Како можни фактори се споменуваат и имиграцијата на луѓето што пораснале во сиромаштија, како и тенденцијата помеѓу поинтелигентните луѓе да имаат помалку деца.

Конечно, во последните години се поставуваат многу прашања за соодветноста на тестовите за коефициент на интелигенција бидејќи некои од нив се оценети како пристрасни и неадекватни. Поради ова, се намалило користењето на ваквите тестови при вработување или запишување во образовна институција, што можеби придонело за намалување на просечниот коефициент на интелигенција.

Не е јасно дали луѓето стануваат попаметни, но сигурно е дека понизок коефициент на интелигенција не мора да биде знак дека лицето е помалку интелигентно. Овие тестови не се добри во мерење креативност, социјална и емоционална интелигенција, па дури ниту мудрост, што се карактеристики кои сите ги посакуваме.

Автори: Роџер Стаф и Лоренс Вејли
Извор: theconversation.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот